Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ) денеска упати писмо за поддршка до колегите во Србија кои блокираат повеќе од 40 факултети.
Блокадите започнаа на крајот на ноември, по нападот врз студентите на Факултетот за драмски уметности кои оддава почит во траење од 15 минути за 15-те жртви при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Студентите, меѓудругото, бараат да се објави целосната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, како и откривање на одговорните за нападот врз студентите на ФДУ.
Од УСС-УКИМ ја упатија својата поддршка и како што велат, искрено сочуство во нивната борба за правда и посочија дека гласно го осудуваат пригушувањето на студентскиот глас.
„Протестите што започнаа како реакција на трагедијата во Нови Сад, ја надминаа границата на едноставен израз на незадоволство. Тие станаа симбол на борбата за општествена одговорност и граѓански и политички права што ги заслужува секој. Од вас не’ дели само името на Универзтетот и местоположбата, по се друго сме истите студенти – а како такви сме рамноправни, еднакви и со истите цели предвид. Барањата што ги покренавте се од исклучителна важност и претставуваат отсјај на вашите остри гледишта за праведно и прогресивно општество. Кревајќи го вашиот глас против неправдата и небрежноста на институциите, испративте и продорна порака до сиот народ од регионот и не’ потсетивте дека младите луѓе, студентите, се најподвижното ткиво на едно општество, со најголема желба за правда и најистрајно во миг на неправда. Младите гледаат, младите внимателно набљудуваат, гласаат и се помируваат. Но младите исто така се здружуваат и рамо до рамо влегуваат во огнот во име на целото население“, пишува претседателот на УСС-УКИМ Александар Николовски во писмото.
Одлучноста да ги бранат овие принципи и вредности, како што велат во отвореното писмо е поттик за сите нив. Таму се додава дека историјата покажува дека студентите секогаш биле на првата линија на општествените промени, а нивната храброст, како што велат е директен доказ дека оваа традиција продолжува.
„Драги колеги, вашата борба е и наша борба. Вашата борба и инспирација за студентите низ регионот. Силата за промена на светот лежи во младите и не дозволуваме никој да ни ја одземе. Во знак на нашата искрена солидарност, ќе ја споделуваме вашата приказна и ќе го подигнуваме вашиот глас насекаде. Вие не’ потсетувате дека образованието, одговорноста и единството се темелите на секое прогресивно општество, а ние ви благодариме за тоа“, се посочува во писмото за поддршка.
„Студентскиот глас и студентскиот активизам се темелите на секое прогресивно и праведно општество. Како идни носители на општествените промени, наша обврска е да се бориме, а должност на надлежните е да ни биде слушнат и уважен. Секој обид за замолчување или потиснување на студентскиот глас, било преку физичко или друг тип на насилство, водат кон ерозија на општествените столбови, а со тоа и распад на градењето на едно функционално и современо општество“, се додава во писмото за поддршка.
Таму дополнително се нагласува и дека преку примерот на Студентскиот пленум, биле и се сведоци на на моќта на студентското тело, кое, како што велат, не само што го обликуваше студентското организирање, туку одигра клучна улога во општественото функционирање на Македонија.
„Од таа причина, цврсто ја изразуваме нашата поддршка кон колегите во Србија. Студентскиот глас е гласот на иднината и не смее да биде погазен!“, се истакнува во писмото.
Целото писмо за поддршка може да се прочита на следниов ЛИНК.
Инаку, официјално се блокирани повеќе од 40 државни факултети низ Србија, меѓу кои и сите факултети во Нови Сад. Синоќа, околу 19 часот, студенти се собраа пред РТС, со цел со бучава да го попречат дневникот на јавниот сервис, бидејќи јавниот сервис не објавува информации за нивните активности, но и затоа што, како што се наведува, говореле дека студентите се платени, пренесува Н1.
Сите пленуми на белградските факултети кои се во блокада рекоа дека нивните барања не се исполнети, алудирајќи на изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека ги исполнил сите барања на студентите и дека сега можат да ги прекинат блокадите. Блокирани се и неколку средни училишта и гимназии.