Еко-магионичарски претстави за деца викендов во МКЦ

Викендов (14 и 15 декември) во киното Фросина во Младинскиот културен центар ќе се изведат интерактивни еко-магионичарски претстави за деца на Кристиан Шопов, познат како Magic Kiko. Претставите и во двата дена ќе се одржуваат во 13:00, 17:00 и 19:00 часот.

„Ова уникатно шоу ги воведува најмладите во светот на магијата, притоа учејќи ги за важноста на рециклирањето и заштитата на животната средина. Преку интерактивни трикови и едукативни активности, децата ќе научат дека дури и мали чекори можат да донесат големи промени за зачувување на планетата“, велат од Пакомак во чија организација ќе се изведуваат претставите.

Кристиан Шопов е  магионичар и илузионист, кој во 2017 година победи на меѓународниот натпревар за зелени идеи.

„Магијата е мост меѓу фантазијата и реалноста. Овој викенд посакувам родителите да дојдат со своите деца и да видат дека секој од нас може да биде магионичар за нашата планета, само треба да започнеме со мали дела“, вели Кристиан Шопов.

„Сите посетители кои ќе ја инсталираат мобилната апликација Екомак ќе добијат подарок- изненадување, кој ќе ги воведе најмладите во светот на магичните трикови“, соопштуваат од Пакомак.

Претставите се наменети за деца над 4 години, а влезниците за се достапни на билетарата на МКЦ и онлајн на www.bileti.mkc.mk

Продуцент на проектот е компанијата Пакомак, а режисер и кореограф е Кренаре Невзати Кери. Проектот е поддржан од Министерството за култура, Швајцарската амбасада, Макстил, Виталија, Меѓународната полициска асоцијација и ДИХТ.