Да се забрани увоз на користени возила постари од десет години и под „ЕУРО 5“ стандард и да се ограничи увозот на нови возила со минимален „ЕУРО 6“ стандард, е барањето на десет граѓански еколошки организации кое го адресираа и го предадоа до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, пишува Новинската агенција Мета.
Екологистите денеска, на прес конференција пред зградата на Владата, го повторија барањето и посочија дека активностите кои ги предлагаат се клучни заради намалување на високото аерозагадување во земјава, кое е причина за многу болести и смртност кај населението. Посочуваат дека се свесни оти увозот на возилата постари од десет години може да биде неповолно за посиромашните граѓани кои не можат да си дозволат поскапи коли, заради што сметаат дека властите мораат паралелно со оваа мерка да работат и на обезбедување на ефикасен јавен транспорт, кој исто така мора да биде еколошки.
„Ова е една од конкретните мерки кои ги доставуваме до Владата, бидејќи сметаме дека сообраќајот е огормен фактор што допринесува за загадувањето на воздухот. Во минатото сме доставувале и други предлози, така што властите немаат оправдување да кажат дека не знаеле што треба да се направи. За споредба, во регионов вакви услови имаат воведено Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора“, вели Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.
Екологистите посочуваат дека оваа мерка станува актуелна со најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година.
„Разбираме дека Владата со оваа мерка сака да обезбеди економски придобивки за граѓаните, но мора да имаме контрола на тоа што се увезува. Сметаме дека со самото носење на мерката треба да се предвидат стандарди и ограничувања за да не дозволиме загадувањето на воздухот уште повеќе да се зголемува“, вели Татјана Стојановска.
Од О2 иницијатива нагласуваат дека возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соедниненија, а кои постарите возила ги емитираат во поголема мера. Овие возила, покрај зголемената емисија на ПМ честички, испуштаат и многу токсични јаглеводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените, бензо-а-пиренот.
Ова се генотоксични, канцерогени и мутaгени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата. Граѓаните кои пешачат или возат велосипед покрај сообраќајниците, кои чекаат на пешачките премини, се најизложени на овие токсични супстанции, а особено се загрозени децата, велат екологистите.