Вечерва со почеток во 21:30 часот во „Лабораториум“ ќе се одржи концерт на психоделичниот рок бенд „The Local Blue“. Влезот е слободен.
„’The Local Blue’ e музичка група од Скопје, во која членуваат четворица млади, но и добро познати музичари во се’ побогатата алтернативна сцена на овие простори. Тричленото јадро на бендот го сочинуваат Кристијан Савиќ, Панде Ефтимов и Кристијан Новковски, во чиј трио формат зад себе ги оставија албумите ‘Project Blue Beam’ (2018) и ‘2nd Landing’ (2020) издадени од Мирко Попов за PMG Recordings. Звукот на The Local Blue би можел да се опише како инструментален краут рок со забележливи психоделично-динамични акценти. Уникатна спојка на една звучна палета од психоделичен, стоунер, спејс и пост рок. Сепак, афинитетите кон музичка слобода својствени во изразот на секој од членовите им допуштаат на композициите да прогресираат секоја на свој уникатен начин, зависно од моменталното чувство, носејќи го звукот на овој бенд во поширок жанровски опсег“, се вели во најавата за концертот.
Токму желбата за слобода во изразувањето и отвореност кон се’ поширок спектар на музички изрази од различни стилови, довела до проширување на матичното трио со уште еден член, односно во бендот се приклучил Нинослав Спировски, еден од најистакнатите саксофонисти од новиот бран на скопската импровизирана, авангардна, фри џез сцена, со долгогодишно искуство и во гитарската музика.
„The Local Blue“ моментално работи на својот трет албум, кој се очекува наскоро да излез за „PMGJazz“.