Изложбата на слики „Уметничко (по)стоење“ од уметницата Јулијана Гешоска ќе биде отворена утре, 17 декември, со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
„Гешоска е уметница со долга и плодна кариера и надвор од границите на Македонија. Таа се има претставено во над 30 групни изложби надвор од границите на Република Македонија (Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија и др.) и била учесник на над 30 ликовни колонии проследени со изложби“, се вели во соопштението.
„Кога стоиме меѓу делата од најновата импресивна серија слики на Јулијана Гешоска, обединети околу клучниот збор ‘Постојам’, спонтано ни се наметнува мислата дека за оваауметница несомнено важи геслото ‘Сликам значи сум!’. Ова мото веројатно би можело да си го преведеме барем на три начини: ‘Постојам за да сликам’, ‘Кога сликам вистински постојам“, или, ‘Во и преку насликаното токму сега (но и секогаш ќе) постојам’“, истакнува Владимир Мартиновски за изложбата на уметницата.
Инаку, Јулијана Гешоска е родена во Скопје, Македонија, во 1961 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, 1990, додека постдипломски студии завршила на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, отсек графички дизајн, со магистратура од мултимедијален арт, 2008 година.