Најмалку 46 Палестинци се убиени во израелските напади во Појасот Газа во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на убиени од минатата година достигна 44.976, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава, пишува „Анадолу“.
Во соопштението на Министерството се наведува дека во нападите од 7 октомври минатата година досега се повредени околу 106.759 лица.
„Израелските сили убиле 46 лица и раниле 135 лица во последните 24 часа“, објави Министерството.
Се додава дека многу луѓе сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив.
Израел започна војна во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври минатата година.
Втората година од војната во Газа наидува на се поголема меѓународна осуда, а официјални лица и институции ги означуваат нападите и блокирањето на испораката на помош како намерен обид за уништување на населението.
На 21 ноември, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.