Еколошката правда треба да се шири преку образованието, а судовите и Обвинителството да отворат еколошки одделенија

Потребна е сеопфатна едукација за заштита на животната средина, што за правните факултети и за факултетите за политички науки значи дека треба да го зајакнуваат образованието за еколошко право и еколошка правда. Понатаму, тоа знаење треба да се пренесува и во судската пракса, а притоа преку посебни одделенија на судовите и Обвинителството да се третираат случаи од животната средина. Ова се важни чекори, ако се знае дека еколошката правда слабо се процесуира, додека граѓаните имаат ниска доверба дека ако пријават некој загадувач, тоа би имало ефект и судска завршница. 

Според компаративната анализа на „Флорозон“, именувана „Интеграција на еколошката правда во курикулумите на високото образование“, Македонија треба доста да учи од ЕУ-членки како Хрватска и Словенија. Таму еколошкото право позасилено е внесено на факултетите, студентите имаат повеќе практична настава и се вклучени во креирање на еколошки политики или законодавство. Воедно, процесот се движи и преку правните клиники.

„Практиката за развивање практична настава преку правни клиники е усвоена и на Универзитетот во Белград, Србија, каде што Клиниката за еколошко право се покажува како значајно дополнување на курикулумот што ги поттикнува студентите да се стекнат со способност за развивање стратегии и капацитети за подобро справување со еколошките проблеми“, се вели во компаративната анализа правена за Албанија, Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора, а преку проект поддржан од Шведска преку Глобална програма на УНДП.

Во анализата стои дека преку вклучување на предметот Еколошко право на правните факултети и на државните, а понатаму и на приватните универзитети во Македонија, ќе се подигне свесноста за значењето на еколошкото право. Студентите треба да се здобијат со знаења за подобро разбирање на еколошките прашања, за справување со климатските промени, но и да се развиваат т.н. „зелени вештини“, односно начини на живеење што се одржливи кон животната средина и природните ресурси.

„Сметаме дека пред да се воведе еколошкото право како засебна наставна програма, би требало на ‘мала врата’ да се воведе преку практицирање во самите правни клиники. Кај нас, во моментов постои правна клиника, меѓутоа не се занимава со еколошкото право. Таа се’ уште е маргинална тема, па оттука гледаме можност да се интегрира преку најразлични модели, а секако регионалната соработка во овој домен треба да биде на прво место“, вели Кирил Ристовски од „Флорозон“ за Радио МОФ.

За него нема сомнеж дека еколошкото право ќе биде од голема помош на идните правници, адвокати, судии… Воедно, еколошкото право и еколошката правда треба да се провлекува низ целиот образовен систем. Почнувајќи од основно, па и понатаму преку адаптирани програми.

Работилници на „Еко Логик“ / „Жабец“ за одржливи и зелени заедници, фото: „Еко Логик“

„Што се однесува до академското право, акцент треба да се стави на Академијата на судии и обвинители, кои практично вршат специјализација на пред подготвени и подготвени кадри. Тие понатаму ќе треба тоа знаење да го применуваат во рамки на судската пракса. Е, сега, ако ги видиме сите достапни извештаи од институциите, ќе видиме дека има многу низок број на процесирани случаи, што ние сметаме дека е директна рефлексија на отсуството на елементарно познавање на оваа материја“, забележува Ристовски.

Кај нас, вели тој, по инерција се носат одредени судски одлуки, но не се земаат предвид меѓународните судски пракси, или од судовите од Европската унија, за да ни послужат како модел за пресуди и одлуки.

„Тоа, само по себе можеби укажува на низок степен на свесност кај самите судии и јавни обвинители. Меѓутоа, сепак, ова прашање ќе треба да се разгледува од повеќе аспекти, вклучувајќи можеби и реорганизација на самата структура на јавното обвинителство и на судовите, со цел да се создадат и соодветни можности за доследна примена. Доколку би се отвориле засебни одделенија во рамки на Обвинителството и на судовите кои би се занимавале исклучиво со прашања од животната средина, практично ќе се наметне потребата од ангажирање стручни кадри во рамки на овие одделенија“, посочува тој.

Според Ристовски, самата потреба од кадри ќе покрене соодветни реформи во образовниот систем.

„Значи, место да имаме пристап ‘оддолу-нагоре’, реформата да се спроведе од ‘одгоре-надолу“, но на веќе дефинирани потреби. Сепак, пак ќе кажам, за ова е потребна стратешка подготовка, стратешка определба и треба да влезе во одредени реформски процеси на институционално и на законско ниво“, нагласува тој.

Во однос на тоа дали еколошката правда е важна за граѓаните да бидат стимулирани и пријавуваат уништување и загадување на животната средина, тој вели дека, во моментов, имаме достапни механизми. Не само закони, туку и конкретни алатки ставени во функција.

„Меѓутоа, ако ги видиме сите статистички податоци за довербата на јавноста во судството – тогаш имаме поразителни бројки. Довербата е на најниско ниво од осмостојувањето (на Македонија н.з.). Тоа, пред се’, се должи на политизација, партизација и сл. Тоа практично ги обесхрабрува граѓаните да можат тие алатки ефективно да ги користат“, потенцира Ристовски.

Од друга страна, дополнува тој, преку статистички податоци се гледа дека судовите често застануваат зад крупниот капитал и пред себе имаат предвид економско-социјална слика, па несакајќи да го нарушат тој „баланс“, најчесто застануваат во одбрана на загадувачите.

Визуелизација од „Интеграција на еколошката правда во високото образование“

„Граѓаните се свесни за таа состојба, па таквите митови и воспоставени практики ќе треба да се рушат постепено. Тоа не може да дојде наеднаш. Во тој момент значително би помогнале и граѓанските организации кои можат да играат медијаторска улога, односно застапници виз-а-ви институциите и судството. Да го олеснат процесот за користење на самите алатки, но и да ја доближат материјата до просечниот граѓан, кој според истражувањата недоволно е запознаен и не би можел самостојно да се снајде низ правничките лавиринти. Така да, секогаш е добредојден граѓанскиот сектор’“, констатира Ристовски од „Флорозон“.

Значење на еколошкото право

Еколошкото право е релативно нова и недоволно развиена посебна гранка на правото што се занимава со еколошките проблеми и со нивното регулирање. Денес голем број држави во светот го препознаваат правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина и се трудат да го регулираат преку домашното законодавство.

„Низ историјата, еколошкото право се развивало од дното нагоре, почесто отколку што било случај државата да наметне правила. Ова, всушност, значи дека луѓето што биле на некој начин засегнати од еколошките прашања – било позитивни или негативни, ги адресирале овие прашања до законодавните власти, привлекувајќи го нивниот интерес. Едни од најраните примери се актите на Американскиот конгрес, со кои во 1872 година се вршело заштита на природниот предел околу реката Јелоустон, со што бил основан првиот национален парк во светот под влијание на пишувањата на активистите за заштита на животната средина, особено на Џорџ Перкинс Марш во неговата книга ‘Човекот и природата’ од 1864 година“, стои во анализата на „Флорозон“.

Еколошкото право се развива бавно низ годините и низ различните делови од светот. Во 60-тите и 70-тите години на минатиот век почнува да се етаблира како посебна гранка на правото, особено во развиените држави, почнувајќи од САД. Големо влијание врз овој процес на етаблирање на еколошкото право во САД повторно имаат активистите за заштита на животната средина, особено книгата на Рејчел Карсон – „Тивката пролет“, издадена во САД во 1962 година.

„Оваа книга посвети големо внимание на прашањата за засилена употреба на пестицидите и нивното влијание врз зголемувањето на нивоата на загадување, со што Рејчел Карсон се смета за една од иницијаторите на современото движење за заштита на животната средина. Еколошкото право покрива исклучително обемна материја, затоа што се однесува и на локалните и на националните, а особено на меѓународните прописи и правила поврзани со заштитата на животната средина. Развојот на еколошкото право е комплексен процес, затоа што во границите на лимитираното знаење за животната средина треба да се регулираат многубројни социополитички конфликти што инволвираат голем број заинтересирани страни во општеството – и национални и меѓународни“, се вели во анализата.

Бојан Шашевски