Говор на омраза врз основа на етничка припадност, врз основа на национална припадност и поради сексуална ориентација и родов идентитет се најчестите случаи регистрирани од Хелсиншкиот комитет во 2023 и 2024 година.
Имено, во текот на 2023 година имало 1171 случаи на говор на омраза, од кои 646 биле сторени врз основа на етничка припадност, 248 поради сексуална ориентација и родов идентитет, 275 случаи врз основа на национална припадност, 149 поради политичко уверување и 80 случаи врз основа на род и пол.
Во 2024 година (до септември) биле евидентирани вкупно 1060 случаи на говор на омраза, од кои 424 по основ на национална припадност, 417 по основ на етничка припадност, 205 заради политичка припадност, 194 по основ на сексуална ориентација и родов идентитет, 60 по основа на род и пол и 22 по основа на религиска припадност.
Според годишниот извештај за состојбата со човековите права во 2023 година на Хелсиншкиот комитет за човекови права говорот на омраза врз основа на етничка припадност произлегува од недостигот на критичка мисла и изразување незадоволство кон државните власти и нивните политики, а покрај тоа преовладуваат предрасуди и стереотипи кон различните етнички заедници, кои најчесто се претставени како „злото“ во државата и како причина за нефункционалноста на системот.
„Навредите на етничка основа најчесто имаат и политички контекст. Во регистрираните случаи се забележува и дискурс што се навраќа на воениот конфликт од 2001 и го интензивира говорот на омраза. Одредени настани го засилуваат етнички заснованиот говор на омраза, како што беа навредите и злонамерниот говор кон двете најголеми етнички заедници откако беше објавена веста за снабдувањето со електрична енергија на ЕВН во доминантно албанското село Слупчане или, пак, поставувањето на знамето на Голема Албанија по повод пречекот на премиерот на Косово и веста за отворање улица во Тетово од страна на градоначалникот на Тетово кога во публиката се вееше знамето на Голема Албанија“, велат во извештајот и додаваат дека говорот на омраза врз основа на етничка припадност е широко распространет и видлив и на спортски натпревари.
Како што покажува извештајот, втор најзастапен е говорот на омраза кон сексуалните малцинства и луѓето со различни родови идентитети во државата.
„Бројот на случаи на говор на омраза покажува тренд на зголемување во одредени периоди, како што е Меѓународниот ден на видливост на трансродовите лица на 31 март, кога се одржува годишниот Марш за видливост на трансродовите лица. На социјалните мрежи беше забележан трансфобичен говор, кој беше проследен со дезинформации што поттикнуваат омраза и згрозеност кон оваа маргинализирана група граѓани. Предрасудите кон ЛГБТИ+ заедницата беа особено видливи на 17 мај ‒ Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија. Предрасудите кон ЛГБТИ+ заедницата излегоа на виделина и говорот на омраза се зголеми пропорционално со видливоста на оваа заедница. Од прес-конференцијата за најавата на Парадата на гордоста на 4 јуни, па сè до Парадата на гордоста на 24 јуни беа забележани коментари што поттикнуваат омраза, омаловажување, повикуваат на насилство и ликвидација на оваа заедница“, стои во извештајот.
Комуникологот Бојан Кордалов вели дека говорот на омраза може да се сретне секаде и без никакви исклучоци.
„Од разговорите по дома, на прослави, собиранки, па до коментарите на социјалните медиуми. Најстрашно е, а тоа е и по пракса и комуникациска наука, дека најчесто кога дискриминираме или шириме говор на омраза, ние не сметаме дека правиме нешто погрешно, туку најчесто сме водени од помислата дека се ‘заштитуваме’ себе си или нашите блиски од некои кои ‘не напаѓаат цело време и од кои нема кој да не одбрани’“, вели Кордалов и додава дека влијанието на говорот на омраза посебно на младите им влијае токсично.
„Наместо да ги води да се развиваат како личности и да растат во своите кариери, под влијание на говорот на омраза младите се обојуваат со негативна енергија и емоции, омраза кон другите… Како и секоја личност која негува комуникација на омраза и омаловажување, на почетокот сметаат дека тие не мразат и не повредуваат, потоа, дека тоа го прават кон оние ‘кои заслужуваат да бидат мразени’, за да за многу брзо време не ни забележат дека таа млада личност почнала многу поединци и групи да ги потценува, вербално напаѓа, да се бори против другите и различните само зашто не се како неа“, рече Кордалов.
Според него најдобриот начин да се намали или спречи ширењето на говор на омраза е со развивање на емпатија уште од најмала возраст со цел да се прекине ланецот на скриено или јавно ширење на дискриминација.
Психологот Верица Бакулеска вели дека говорот на омраза има големо влијание врз младите, особено врз нивното ментално здравје и социјален развој.
„Изложеноста на вакви пораки често предизвикува анксиозност, депресија и чувство на несигурност, што може да ја намали нивната самодоверба и да ги направи поранливи. Младите кои се соочуваат со говор на омраза честопати се чувствуваат маргинализирани и оддалечени од својата заедница, што доведува до социјална изолација и развој на недоверба кон другите. Дополнително, ваквата изложеност може да ги поттикне да усвојат агресивно или антисоцијално однесување, како одбранбен механизам. Ова може да го попречи нивниот личен раст и развој, бидејќи се плашат од дополнителна осуда или напад. Долгорочно, говорот на омраза го зголемува ризикот од појава на ментални нарушувања“, рече Бакулеска и додаде дека најдобро е да се реагира веднаш штом ќе се доживее или забележи говор на омраза.
„Брзата реакција е клучна за да се спречат понатамошни последици и за да се испрати јасна порака дека ваквото однесување не е прифатливо. Жртвите треба да реагираат веднаш кога ќе се соочат со говор на омраза. Можат да пријават на наставниците, родителите или да побараат помош од друг возрасен во кој имаат доверба. Важно е да не остануваат сами во ситуацијата и да ги користат достапните алатки за заштита, особено на интернет, како блокирање или пријавување на содржини“, изјави Верица.
Инаку, според статистиката на Министерството за внатрешни работи за регистрирани кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ во 2023 година биле регистрирани 42 кривични дела а до септември 2024 биле регистрирани 22.
Симона Паскоска
Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда.