„Кога ѕидовите би зборувале“ на Миша Кубал во МСУ

„Зошто по ѓаволите сите сакаат да успеат?
Би сакал да запознаам некој што сака да пропадне.
Тоа е единственото возвишено нешто“.
– Џон Дос Пасос, Менхетенски трансфер, 1925 година

Во Музејот на современа уметност (МСУ) во четврток (19 декември) од 12 часот ќе биде претставен проектот „Кога ѕидовите би зборувале“ на Миша Кубал, додека во 20 часот ќе има панел дискусија.

„Транснационалниот проект ‘Кога ѕидовите би зборувале’ (if walls could tell) на уметникот Миша Кубал, ги доведува во прашање уметничките институции во однос на нивната инклузивност на пошироките општествени групи во една заедница. Три симболични музејски ѕидови ќе бидат поставени на јавни места во различни градови низ Југоисточна Европа, каде што ќе делуваат како пристапна и привремена сцена за локалните жители. Како филтер, овие ѕидови ќе ги соберат сите ‘траги’ на културни и урбани изрази во урбаниот живот на луѓето, далеку од културните институции на кои тие се однесуваат. Откако ќе биде обележана од околината и луѓето, сцената потоа се враќа во својот институционален контекст, зачувувајќи ги трагите оставени зад нас, за понатамошно испишување“, стои во текстот на кураторот Зоран Ериќ од Институт за филозофија и социјална теорија, Белград.

Тој посочува дека со приказната за Дос Пасос што одекнува во позадина, аналогниот музејски_трансфер – минливата, речиси дистописка промена на местото со многуте натписи – се концентрира на трагите оставени на ѕидовите, видени како привремен простор за отворено и неограничено изразување на граѓаните во партиципативен уметнички проект во јавен простор.

„’Кога ѕидовите би зборувале’, поставува актуелни општествени прашања: Дали граѓанското општество може да живее без музеи, и дали ова го отфрла или прекршува културното ветување за идните генерации? Какви се интеракциите помеѓу општеството, музеите, граѓаните, уметниците и кураторите? Дејствувајќи како катализатор во овој контекст, Миша Кубал го отвора просторот за сите граѓани, кои пак стануваат директни продуценти на содржина, учесници и коавтори во продукцијата на колаборативно уметничко дело. Така, тие се сметаат за политички субјекти кои треба да бидат способни да ги присвојат сите достапни инструменти кои ги претвораат во активни корисници, а не во пасивни конзумери, што го поставува прашањето: Што се случува кога граѓаните, потенцијалната музејска јавност и уметниците ќе добијат ‘слобода на изразување’ во јавниот простор, невообичаено за музејската изложбена политика и практика?“, нагласува кураторот Ериќ.

Во однос на панел дискусијата, таа ќе биде со тема „Двонасочна алеjа – Топење на музејското утврдување“.

„Скопје е нашироко препознаен како ‘град на споменици’, а сепак му недостасуваат адекватни јавни простори за граѓанско вклучување. Деценија после промовирањето на проектот ‘Скопје 2014’, се покренува едно критично прашање: Каква е потенцијалната улога на партиципациската уметност во јавните простори дизајнирани за учество на граѓаните? Во овој контекст, Музејот на современа уметност, позициониран како ‘остров’ или тврдина, продолжува да се фокусира на најсовремените регионални и меѓународни програми и изложби. Централното прашање за оваа панел дискусија е: Како партиципативната јавна уметност може да ги катализира дебатите кои симболично го означуваат почетокот на процесот на создавање ‘споменик’ (Јохен Герц)? Понатаму, како оваа форма на уметничка практика може да се перципира во град заситен со ‘бронзени скулптури’ кои го зајакнуваат наративот заснован на митологија, наместо да ја одразуваат социјалната реалност на етнички поделениот град и земја?“, стои во најавата за дискусијата.