„Култура Бета“: Од кога оние што создаваат уметност на македонски јазик и го збогатуваат кулурниот живот се „најголемите непријатели на Македонија“?

„Како и да прашаме од кога оние кои создаваат уметност на македонски јазик, со својата уметност ја претставуваат Македонија надвор од нејзините граници и редовно работат на збогатување на уметничкиот и културен живот во Македонија се ‘најголемите непријатели на Македонија’?

Управниот одбор и членовите на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ целосно ги осудуваат нападите врз членовите и соработниците на Здружението, кои велат дека деновиве се случуваат социјалната мрежа „Х“ (поранешен „Твитер“).

„Имено, во изминатите два дена, група луѓе скриени зад своите Твитер-профили недолично и со говор на омраза го коментираат последното издание на мултимедијалниот настан ‘Клинци’ што се одржа на 17. октомври 2024 во просториите на Јуроп Хаус – Скопје. Во рамки на мултимедијалниот настан младите поети и поетеси Марија Ангеловска, Марија Велинова, Сатја Александар Давитков и Марко Иван Кочишки се претставија со своја авторска поезија и проза, младиот уметник Филип Мартиновски се претстави со своја ликовна изложба, а модератор на настанот беше младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски. Испровоцирани од организаторите на настанот, местото на неговото одржување, како и изгледот и имињата на учесниците од настанот, групата корисници на Твитер ги окарактеризираа младите уметници како антимакедонски, како оние кои се ‘идни непријатели на Македонија’, а настанот беше ставен во непотребен политички контекст, а кон учесниците на настанот беа упатени дискриминирачки коментари за изгледот, облеката, и верувале или не, нивните имиња и презимиња“, стои во реакцијата на „Култура Бета“.

Фото: Принтскрин од објава на „Култура Бета“

Од таму велат дека оваа реакција ја објавуваат со цел да апелираат да се престане со ужасниот однос на поединци кон уметноста и уметниците.

„Како и да прашаме од кога оние кои создаваат уметност на македонски јазик, со својата уметност ја претставуваат Македонија надвор од нејзините граници и редовно работат на збогатување на уметничкиот и културен живот во Македонија се ‘најголемите непријатели на Македонија’? До кога патриотизмот ќе се мери исклучиво со веење знамиња и омаловажување на сето тоа што не влегува во т.н. мејнстрим патриотизам? И од кога создавањето на уметност од страна на младите уметници може да се карактеризира како ‘извртени вредности’, ‘нешто што треба да се стави под контрола’ и ‘нешто што не можат да го прават луѓе со две имиња или презимиња’?“, прашуваат од Здружението.

„Култура Бета“ смета дека со својата работа првин дава можност и простор на млади и неафирмирани уметници да го претстават своето творештво на публиката, континуирано вложува во подобрување и унапредување на уметничкиот и културниот живот на оваа држава и со својата работа формира отворена заедница за поддршка, критика и соработка меѓу уметниците.

„Ја користиме оваа прилика да се заблагодариме на сите поединци, уметници, организации, фестивали, колективи, институции и медиуми кои се поддржувачи на активностите на ‘Култура Бета’. Другарски поздрав!“, се вели во соопштението.