Настанот „Скриеното лице на насилството“ утре на Факултетот за образовни науки

Факултетот за образовни науки организира почетен настан насловен „Скриеното лице на насилството“ кој ќе се одржи во четврток (19 декември) во 12 часот во просториите на Факултетот. Настанот се реализира во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

„На настанот ќе бидат претставени целите на проектот и ќе се спроведе целодневна обука за безбедна училишна средина, наменета за студентите од Факултетот за образовни науки. Проектот има за цел да ја сензибилизира наставничката фела за препознавање и превенирање на насилството во училиштата и да придонесе кон создавање побезбедна средина за сите ученици“, се вели во описот.

Во рамките на проектот ќе следат повеќе активности кои ќе завршат со публикација на „Прирачник со протокол за безбедна училишна средина“ кој ќе биде објавен следната година.