Наградуваната претстава „Машко/женски-женски/машки“, меѓународна копродукција на „Фрлачи на сенки“ и Театарот „&ТД“ од Загреб и Фестивалот МЕСС-Сараево вечерва во Битола ќе ја има својата македонска премиера.
Од НУ Центар за култура-Битола, домаќини и организатори на овој културен настан, соопштуваат дека во градот владее голем интерес за провокативната хрватска претстава која досега е одиграна на сцените во Загреб, Сараево, Сплит, Пакрац, Опатија, Пула, Нови Сад, Суботица и Љубљана, а вечер по прв пат и во Битола.
– Оваа втора соработка на „Фрлачи на сенки“ со НУ Центар за култура-Битола ја реализираме со нов културен производ, кој премиерно ќе биде изведен во Македонија, претстава во која играат врвни хрватски и босански актери, лесно препознатливи лица од театарот, филмовите и ТВ сериите, кои ги привлекува и публиката и организаторите. Специфично за оваа претстава е и истражувањето на еден малку застапен вид на авторски театар т.е. оној во кој самите актери се автори и кои во ко-авторство со публиката го одредуваат, насочуваат и го модерираат текот на претставата и статусно го преиспитуваат односот меѓу актерите и публиката. Со самото тоа секоја изведба е уникатна т.е. единствена и неповторлива, истакна Борче Димитровски, директор на Центарот за култура.
Во претставата „Машко/женски-женски/машки“ вечер од 19,30 часот во НУ Центар за култура ќе настапат Ирма Алимановиќ, Бенјамин Бајрамовиќ, Никша Бутијер, Маја Изетбеговиќ, Деан Кривачиќ, Борис Лер, Вили Матула, Јелена Михољевиќ, Мона Муратовиќ и Петра Тежак. Режисери се Борис Бакал и Катарина Пејовиќ, а драматургијата ја подготвија Ведрана Клепица, Станко Јузбашиќ и Дражен Новак.
Извор: МИА