Физички лица од странство повеќе нема да можат да регистрираат .mk домени

Физички лица од странство повеќе нема да можат да регистрираат .mk домен, откако МАРНет неодамна го промени Правилникот за организацијата и управувањето со врвните национални интернет домени.

Ваквата промена доаѓа со промена на член во Правилникот каде регистрацијата на .mk домен сега се ограничува на сите физички и правни лица само со живеалиште или престојувалиште во Македонија. Во меѓувреме, за регистрација на .mk домен, странските правни лица треба да бидат идентификувани преку регистар од својата држава.

фото: принтскрин од новиот правилник на МАРНет

Новите .mk домени, исто така, сега ќе мора да се состојат од најмалку два знаци, наместо само еден како досега. Единствен исклучок е во случај на заштитена трговска марка, заштитен жиг, име или бренд.

Промените во Правилникот доаѓаат по 10 години, односно откако тој е донесен во 2014 година, објаснува претседателот на Управниот одбор на МАРНет Иван Чорбев за Радио МОФ.

„Соочувајќи со се почести предизвици кои бараат внимателно, но и брзо реагирање за да се надминат, како и брзите и чести промени во интернет просторот, се наметна потребата од донесување на нов Правилник. Со него ќе биде допрецизирана и доуредена пред се’ постапката за регистрација на домени особено од аспект на сајбер безбедност, а се во насока на намалување на можноста на се почестата злоупотреба на регистрираните имиња на домени како и намалување на можноста за регистрација на малициозни национални интернет домени“, посочува Чорбев.

Со новиот Правилник, тој истакнува дека е исклучена можноста имагинарни, односно непостоечки лица да бидат регистранти на Интернет домен во земјава. Во случај на злоупотреба на регистриран интернет домен, вели дека ќе има реално лице кое би можело да се повика на одговорност за евентуални злоупотреби, што до сега не било случај со одредбите од стариот Правилник.

Правилникот носи и други промени

Покрај промените поврзани со регистрирањето .mk и .мкд домени, направени се и промени од повеќе аспекти, согласно добрите пракси и стандарди на ДНС (Доменски именски систем), вели Чорбев.

„Првиот аспект е во насока да се подобри достапноста и ефикасноста за крајните корисници (граѓаните, компаниите, владините институции) во насока на дигитализација, каде што се воведува можност активностите да се вршат целосно дигитално согласно постојната законска регулатива. Во овој дел е и можноста за дигитална идентификација согласно Законите и со користење на компаниите кои обезбедуваат услуги за дигитален идентитет, што веќе неколку години е искористено како технологија од Банките“, додава Чорбев.

Вториот аспект на промените е модернизацијата на новите технологии во рамките на ДНС, кои се веќе стандард во светот и се познати како DNSsec-сет криптографски техники. Тие даваат дополнително ниво на заштита во однос на безбедноста на ДНС како т.н „именик на интернет“.

„Успешното имплементирање на овој стандард ќе значи дека државата е во чекор до модерните технологии и добри пракси. За таа цел, Правилникот е модернизиран од аспект на можности за идните регистратори да имаат соодветни методи на контрола и безбедност, во поглед на регулираните активности од областа на управувањето со врвните домени кои Марнет им ги пренесува согласно Закон. Во оваа насока, Марнет заедно со тековните регистратори (по старо регистрари) изврши сеопфатен процес на дебата каде меѓу другото беа преземени најдобрите пракси од неколку европски земји и нивните процеси во управување на националните домени. Мора да напоменеме дека националните домени кои се доделувани на земјите од IANA на светско ниво секогаш подлежат на соодветен процес на контрола од корисниците“, објаснува Чорбев.

Така на пример, Чорбев посочува дека насекаде во ЕУ не е можно регистрација на домен доколку нема локален телефонски број од таа земја или локална адреса. Причината за ова, како што додава тој е генерално да се обезбеди достапност на корисникот на доменот и можност да биде контактиран од соодветни институции во случај да се загрози безбедноста на ДНС системот.

Третиот аспект е поврзан со потребата од хармонизација со ЕУ регулативите, согласно нашите европски аспирации, каде прецизноста на податоците во единствениот регистар н национални домени ќе овозможи ефикасност и функционалност, посочува Чорбев.

„Најдобра паралела во ова е желбата на граѓаните за користење напредни начини на плаќање (пример Google Pay или Apple Pay) кои за да бидaт достапни, од банките како носители на овие активности бараше соодветни регулативни активности. Вакви примери има многу и сите се темелат на активности во неколкуте стратегии за развој“, вели Чорбев.

„Битно е да напоменеме дека повеќето регистратори беа навистина конструктивни во однос на новите технички и правни барања во сетот на правилници и заеднички со Марнет и соодветни експерти од областа дадоа силен придонес при изработката. Сметам дека тоа ќе донесе позитивен импулс при процесот на адаптација и модернизација кој следи“, додава тој.

Сега претстои и процес кој треба во повеќе етапи во наредните три квартали да овозможи постепена модернизација, со крајна цел потпишување на националните домени .mk и .мкд со клучеви за DNSsec заштита на почетокот на септември идната година, најавува Чорбев.

Процесот на изработка на новиот правилник траел една година. На 17 октомври минатата година се одржала јавна дебата на која бил презентиран новиот Правилник, а заинтересираните ги искажале своите ставови за новитетите во новиот Правилник. Исто така, на 20 декември лани се одржал работен состанок со претставници од овластените регистратори и МАРнет. Дел од искажаните забелешки биле прифатени и имплементирани во новиот Правилник.

Мартин Колоски