На банерите кои се користеа за платено политичко рекламирање во онлајн медиумите на последните Парламентарни избори, жените беа застапени само 21 процент на 32 портали, покажа анализата за застапеноста на жените и социјално ранливите категории во онлајн медиумите за време на изборната кампања.
Анализата покажува дека мажите кандидати, посебно лидерите на двете најголеми македонски политички партии доминирале во медиумската нарација додека пак жените кои биле дел од помалите политички партии и албанските партии и коалиции биле целосно отсутни од платените промотивни материјали.
„Кога станува збор за пристапот како да се промовираат жените кандидатки за време на изборниот преоцес преку платеното политичко рекламирање на интернет порталите, видливо беше дека партиите имаа различен пристап. ВМРО- ДПМНЕ одеше со индивидуална застапеност и промоција на носителите на листи вклучително и на една носителка на листа, СДСМ имаше друг пристап, одеа во парови, односно машко женски пар. Помалите партии кои што имаа помалку ресурси тие комбинираа и одеа со појавување на мажи и жени“, истакна експертката Билјана Бејкова.
Според неа покривањето на парламентарните избори од страна на интернет порталите открило и недоволна присутност на жените и темите поврзани со правата на жените и родовата еднаквост.
„Во наративите, повторно имаше зацврстување на родовите стереотипи. Најчесто наративите за жените се градеа околу нивните традиционални и патријархални перцепции за улогата во општеството и така се поврзуваа со бракот, семејството, мајчинството, домашните обврски, религиозните убедување, љубовта кон нацијата се споредуваше како љубовта кон мајката. Така што немаме соочување со надминување на родовите стереотипи туку напротив- нивно зајакнување“, додаде Бејкова.
Во однос на препораките, Бејкова рече дека промоцијата на родовата еднаквост во изборното платено политичко рекламирање е од суштинско значење за создавање поинклузивни изборни процеси во државава.
„Родовата квота на кандидатските листи не е доволна, потребно е да се обезбеди еднаква застапеност на жените и за време на изборните кампањи. Политичките партии треба да ја имаат оваа обврска и одговорност .Етичките стандарди за новинарите и интернет порталите треба да ги вклучуваат принципите на родова еднаквост и правична застапеност на жените“, потенцираше таа.
Покрај застапеноста на жените во онлајн медиумите за време на изборната кампања, анализата опфаќа и дел за застапеноста на социјално ранливите категории, лицата со попреченост и етничките заедници. Во овој дел анализирани биле 68 натписи во 21 портал.
„Медиумските содржини за време на изборните процеси претежно се фокусираа општо на гласачите на големите партии при што лицата со попреченост беа значитечно помалку опфатени. На нивните барања очекувања и потреби им се дава минимално внимание во јавноста и тие често се прикажувани како пасивни субјекти. Ранливоста на лицата со попреченост често се користеше како тема за времени политички разговори, посебно околу ветувањата за подобрување на институционалната структура, подобра социјална положба и животни услови“, рече професорката и медиумски експерт Марина Тунева.
За тоа како да се промени состојбата, Марина сподели неколку препораки. Според неа тие се насочени најмногу кон политичките партии, државните институции и онлајн медиумите.
„Во дел на социјална инклузија, препораките се однесуваат на повеќе засегнати страни и чинители, прво државните институции. За нив препораките се во два сегменти, реформи на законите и политиките и второ создавање на институционални рамки. За политичките партии препораките се да се придржуваат до кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми. Препораките за онлајн медиумите се да се придржуваат до етичките стандарди дефинирани во кодексопт на однесување за време на избори“, изјави Тунева.
Истражувањето го спроведе Фондацијата Метаморфозис во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во рамките на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“.
Симона Паскоска