Од 1 јануари следната година јавниот градски превоз во Белград ќе биде бесплатен и веќе никој нема да мора да плаќа билет, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Александар Шапиќ.
„Нема веќе да има ниту месечни, ниту годишни карти, ниту попусти, туку градот Белград со оваа социјална мерка станува единствениот град во Европа, поголем од 500.000 жители, кој има бесплатен јавен превоз. Има примери, како Талин, кој има 450.000 жители, а некои и во Франција, но тоа се се’ помали градови со по 200-300 илјади жители“, рече Шапиќ.
Тој посочи дека во тек е најголемата реформа во јавниот превоз, и додаде дека освен бесплатниот јавен превоз, во следните три години целосно ќе се обнови целиот возен парк.
„До крајот на 2025 година на градските улици нема да има автобуси постари од две години, ниту приватни, ниту градски. Сега ни пристигнаа четириесет, педесет возила и ќе продолжат да пристигнуваат сукцесивно во текот на наредната година. Во текот на 2025 година ќе пристигнат првите трамваи за кои веќе ја завршивме набавката, 25 од нив, а до крајот на 2027 година си поставивме задача да обезбедиме средства за сите тролејбуси, сто од нив, а останатите 120 трамваи, можеби преку јавно-приватно партнерство, или ќе го направиме ние тоа, за сите тие да бидат заменети со нови возила“, рече Шапиќ.