Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје упати барање за јавна информација за бесплатен јавен превоз за студенти во 2025 година. Барањето е во име на сите студенти, а како што велат го праќаат по бројни прашања и поплаки дека картичките за бесплатен јавен превоз не им се продолжени за 2025 година.
УСС УКИМ барањето го праќа до Драги Кушовски, директор на Јавно Сообраќајно Претпријатие Скопје, Трајко Славески, претседател на Совет на Град Скопје, Христијан Мицкоски, претседател на Влада на Република Северна Македонија, Весна Јаневска, министерка за образование и наука и Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.
„Бесплатниот јавен превоз е значајна и неопходна мерка која не само што е корисна за младите, туку е и поттик за активно учество во образовниот процес, и општеството во целина“, велат од студентското тело.
Укинувањето на оваа мерка, како што апелираат оттаму, ќе доведе до: Зголемување на финансиските трошоци на студентите и нивните семејства – Студентите ќе бидат принудени да покриваат дополнителни трошоци за транспорт што особено ќе ги погоди студентите од економските ранливи категории; Ограничен пристап до образование – Студентите од руралните и приградските средини што зависат од јавниот превоз за да стигнат до универзитетите би се соочиле со потешкотии за редовно присуство на предавања и други ангажмани на нивните факултети. Освен тоа, ќе се намали и учеството на студентите во воннаставни активности, пракси и професионални ангажмани; Намалување на поддршката за образованието и младите и уназадување на студентскиот стандард – Укинувањето на оваа мерка ќе ја намали поддршката за младите и образованието во нашата држава, што дополнително ќе создаде и недоверба кон институциите.
„Сметаме дека ова прашање е од суштинско значење за иднината на студентите во нашиот град и држава и затоа бараме итен одговор и објаснување“, се вели во писмото.