Од јануари до октомври годинава, општините потрошиле 961 илјада евра на пејачи и на други забавувачи. До крајот на 2024 година, се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра. Најмногу пари за забавни манифестации трошат општините Кавадарци и Струмица, како и градот Скопје, покажа новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
„Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на некои празници (Нова Година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци“, велат од ЦГК.
Истражувањето покажува дека минатата година за оваа намена се потрошени 1 милион и 11 илјади евра. Во 2023 година, најмногу пари потрошила Струмица, речиси 190 илјади евра. Следно е Кавадарци со 156 илјади, а главниот град потрошил нешто повеќе од 110 илјади евра. Штип е четврти со скоро 86 илјади евра, па Велес и Кисела Вода со по околу 48 илјади евра, а Куманово потрошило 45 илјади. По 30 илјади евра потрошиле Берово и Битола.
Најскапо платена годинава, како што информираат оттаму, е пејачката Северина, за која Крива Паланка платила 25 илјади евра. Сепак, годинава најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра, за два настапи, во Берово и во Штип. Додека, лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил скоро 26 илјади евра.
„Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес. Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки. Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци“, посочуваат од Центарот.
Како што тврдат, кога станува збор за поединечните манифестации или изведувачи, не сите општини кажуваат колку пари поединечно ги чини некоја манифестација или изведувач. Некои општини ги кажуваат трошоците за сите манифестации заедно, или пак, за сите изведувачи заедно затоа што „најмуваат“ фирма на којашто ѝ ги префрлаат сита пари, а таа потоа ги организира манифестациите и ги плаќа изведувачите, велат од ЦГК.
„Таков е примерот со Општина Кавадарци која троши најголема вкупна сума за забавни манифестации, но не објавува колку пари поединечно ја чини секоја од четирите манифестации, колку што ги организира годишно или, пак, колку пари исплатила на некој поединечен изведувач“, истакнуваат тие.
Според истражувањето, општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно се наоѓаат начини да не се спроведат целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентите постапки. Набавките на т.н. посебни услуги, пишува таму, во кои спаѓаат ваквите манифестации, се исклучени од Законот за јавни набавки доколку нивната вредност е до 10.000 евра.
„Овде спаѓаат услугите за организирање културни настани, фестивали, забави, саеми и панаѓури. За нив единствено се објавува т.н. поедноставено известување за склучен договор. Доколку вредноста на овие услуги е поголема од 10.000 евра, може да се примени постапка со преговарање без објавување оглас, да се објави оглас за јавна набавка или, пак, да се објави претходно информативно известување во кое ќе се наведе дека договорите ќе се доделуваат без натамошно објавување, но со покана за заинтересираните фирми да го изразат својот интерес“, објаснуваат од ЦГК.
Сепак, истакнуваат дека има општини коишто на ваков начин избираат само фирма којашто ќе ја спроведе манифестацијата или, пак, цела годишна програма во која што се опфатени неколку манифестации. Потоа, велат дека и плаќањето оди целосно преку таа фирма, без да се знае колку поединечно чини некоја манифестација или поединечен изведувач.
„Некои општини, пак, делегираат надлежност на фирми, најчесто маркетинг агенции, за организирање на ваквите настани. И во овие случаи не се обелоденуваат информации за поединечното чинење на секоја манифестација, ниту за исплатените суми на поединечните изведувачи. Од 81 единица на локалната самоуправа, само 50 општини имаат вакви трошоци, додека 29 одговорија дека немаат. Две општини, Ѓорче Петров и Тетово не доставија информации, ниту по доставените барања, ниту по решенијата од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, додека Охрид тоа го стори само за трошоците во 2024, но не и за 2023 година“, информираат тие.
Дополнително, истражувањето покажува и дека домашните изведувачи добиваат значително пониски хонорари отколку нивните колеги од другите држави од поранешната југословенска заедница. Најплатена домашна изведувачка годинава е Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата Неготинска вечер добила 13.008 евра. Втора на листата „најплатени домашни изведувачи“ во 2024 година е Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива паланка – Град на културата добила 11.110 евра. Трет на оваа листа е Кирил Џајковски кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество на манифестацијата Ревијална вечер на Фолк-фест. Другите домашни изведувачи добиваат многу поскромни хонорари, забележуваат од ЦГК.