Повеќе здружени еко-организации и иницијативи информираат дека на 16 декември ги доставиле сите барања за спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето до Владата, Министерство за животна средина, Собранието и Град Скопје. Им даваат време на повиканите институции да ги разгледаат и одговорат до среда, 25 декември, во спротивно најавуваат нов протест.
„Веќе помина една недела откако мерките беа доставени, две недели од протестот, а досега одговор имаше само од Министерството за транспорт и врски на барањето на ‘Гоу Грин’ (Биди Зелен)“, посочуваат здружените еко-активисти.
Овие барања, велат тие, се истите барања за кои граѓаните, заедно со независните и зелените организации во Скопје и ширум Македонија, протестираат уште од 2015 година, само што се надополнети со нови мерки.
„Но, додека ние ги дополнуваме мерките, институциите игнорираат да ги разгледаат, усвојат и да почнат да ги применуваат, а токсичниот воздух ни ги крати животите! Доста беше молк! Ако до овој рок не добиеме одговор, тогаш во сабота, 28 декември, излегуваме на протест!“, потенцираат тие.
Очекуваат апсолутно секој граѓанин од Скопје, и секој кој може од останатите градови, да се приклучи на протестот за чист воздух.
„Да ја испратиме 2024 година со чиста совест дека сме направиле сè што можеме за нашето здравје и здравјето на идните генерации. Две опции, едноставен избор: Прво, повиканите институции да одговорат и да преземат итна и одлучна акција. Второ, или ние ќе излеземе на улиците и ќе го зголемиме притисокот на 28 декември“, стои во соопштението.
Според нив, колку повеќе се граѓани, толку поголем ќе биде притисокот за вистински промени.
„Време е јасно и гласно да им дадеме до знаење дека воздухот што го дишеме не е за преговарање и повеќе немаме време за чекање! Доколку не добиеме одговор, се гледаме на 28 декември на нов протестен марш пред истите овие институции и ве повикуваме да излеземе сите заедно! Скопје мора да дише! Македонија мора да дише!“, стои во заедничкото соопштение на Зелен Хуман Град со Шанса за Центар, Зелените од Гази Баба, Независни за Карпош, Гоу Грин, НаТочак, ЕДЕН, Заедно за промена и О2 Иницијатива.
Инаку, здружените еко-активисти заедно со повеќе граѓани претходно протестираа на 10 декември, кога побараа Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро да се управува со аерозагадувањето. Понатаму, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат.
Исто така, меѓу другото, побараа да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5″ стандард во земјава, да се изработи план за режим на сообраќај кој се активира веднаш штом се надминат граничните вредности, но и да се усвои Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, со цел да се стимулира немоторизиран транспорт и притоа да се намалува загадувањето и бројот на смртни случаи заболувања.
[Видео и фото] „Што ви дишат децата?!“ извикуваа граѓаните на еколошкиот протест пред институциите