Во завршна фаза се активностите за санација и децениски задоцнета модернизација на главниот градски водовод, информираат од ЈП „Водовод и канализација“.
Акцијата почна денес, 21 Декември (сабота) во раните утрински часови кога сите екипи на Секторите ЕОК, Механизација и Водовод отпочнаа со празнење на магистралниот водовод на предвидените локации долж Партизанска. Досега поправени се дефектите кај Порта Влае, мост Обединети Нации и на булевар Партизански одреди во Карпош 4.
Во овој момент во фаза на завршување е последната постапката за реконструкција на затварач Ф700 на ул. Никола Парапунов, која се изведува независно од останатите и за која не е неопходно затворање на главниот довод.
„Операцијата се движи во рамки на предвиденото и очекувано е да заврши во предвидениот рок со вкупно време од помалку од 15 часа, во кои најмногу време се одвојува за празнење и полнење на магистралниот водовод. Полнењето веќе е започнато и се очекува притисокот да се стабилизира за неколку часа“, велат од претпријатието.
Институтот за јавно здравје даде препораки за мерките кои граѓаните треба да ги преземат откако водата ќе биде пуштена.
„Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие. По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет)“, се дел од препораките на ИЈЗ.