Независниот издавач „Шарла“ (Sharla) во своето богато музичко мени додаде уште едно дело од македонскиот музичар Глигор Кондовски, односно од неговиот проект „Еrstwhilesound“.
По двете EP-a за „Шарла“ од 2020 и 2022 година, ова издание наречено „Flutter“ влегува во категоријата LP-a, или долгосвиречки албуми.
Дебито на „Еrstwhilesound“ е спакувано во шест теми кои се движат низ совремеменото класично, електронско, алтернативно и експериментално. Музика која зборува без да пее.
Целата музика на „Flutter“ е на Глигор Кондовски, кој го направи и неговиот омот.
Изданието може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп-от на „Шарла“.
„Едно дете во бескраен занес ги врти педалите
на својот велосипед без притоа да знае дека
го одржува еквилибриумот на ред и неред
во светот – го обезбедува со неопходната
енергија за живот. Пејсажите по патот му
се редат како волшебни креации од првиот
калеидоскоп што го доби за својот петти
роденден. Всушност, тоа беа истите слики.
Светот му се оствари, еднакво чудесен,
реален и пред неговите очи. Звуците што ги
разминуваше најпрво беа осамени импулси
во етерот. Со време, се соединувaа во
импровизирани дискорди, пред да станат
совршени хармонии – љубов. И обратно.
Тоа беа луѓето.
Зајурен и далдисан, не чувствуваше ништо
за она што го остави дома, неговите
загрижени блиски и неделните семејни
молитви пред ручекот. Беше повеќе од жив.
Ќе се замори ли?“