Ниту една институција во земјата нема точни податоци колку кривични дела се направени против дивите животни. Бројот на незаконски заловени, убиени, мачени или отруени животни не е познат, ниту пак се знае дали за овие случаи се водела истрага, дали имало обвиненија и дали некој добил казна и каква. Не се знае доколку некој заловил или убил балкански рис или ако труел птици дали и одговарал за тоа, ниту, пак, колку диви животни страдаат во незаконски поставени стапици низ планините. Кривичните дела против дивиот свет најчесто се составен дел од статистичките податоци за вкупниот број на кривични дела против животната средина и природата, а поединечни податоци за нив не можат да се најдат ниту во една институција, пишува Новинската агенција Мета.
Според податоците на Државниот завод за статистика за десет години, од 2013 до 2022 година имало 1807 пријави за кривични дела против животната средина и природата, од кои за 778 имало обвиненија, а 653 завршиле со пресуда. Во нив влегуваат и казни добиени за загадување на воздухот или водата, за пустошење на шуми, или пак незаконска екплоатација на минерални суровини, а колку всушност се однесуваат на дивите животни, дали тие животни спаѓаат во групите на загрозени и се заштитени или не, не се прецизира.
Статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, пак, кажуваат дека во последните седум години најголем дел од кривичните дела се за мачење на животни, помеѓу 23 и 34 годишно, а за девет месеци од оваа година регистрирани се 19 вакви дела. Сепак, не е прецизирано колкав број од овие случаи се однесуваат на диви животни, а колкав на домашни миленици. Во овој период МВР не регистрирало ниту еден случај на неовластено тргување, увезување или превезување дива флора или фауна, ниту пак неовластено воведување на диви видови во природата. Годинава имало само два случаи на убивање или уништување на заштитени видови на дива флора или фауна и еден случај на неовластено ловење, чување и отуѓување диви животни и птици.
Од Македонското еколошко друштво сметаат дека истражувањето на криминалот против дивите животни треба да добие поголем приоритет кај институциите, вештачењата да се брзи и адекватни, а материјалите да се собираат од овластени лица, за да можат да бидат валиден доказ во судски постапки. Посочуваат дека идеално е Министерството за внатрешни работи да има единица за еколошки криминал, а Јавното обвинителство и специјализирани обвинители.
„Постојат позитивни сигнали и желба кај сите институции да соработуваат на оваа тема, што е голем услов за подигнување на меѓуинституционалната соработка. Иста така мора да се работи и на базите на податоци, како и на утврдување на оперативните процедури за постапување кај секое кривично дело против дивиот свет. Иако сме свесни дека институциите имаат ограничени капацитети, сепак е многу важно да не ги избегнуваат своите обврски и да учествуваат во процесот“, вели Арта Старова од МЕД.
Со оглед на тоа дека примената на форензиката при кривични дела врз дивиот свет е клучен сегмент, а подеднакво важни се и брзото постапување и ефикасната меѓуинституционална соработка, бидејќи доказите во овие случаи се изложени на надворешни влијанија и може да станат неупотребливи, Македонското еколошко друштво неодамна во Основното јавно обвинителство организираше Работилница за вештачење при криминал врз дивиот свет за јавни обвинители, инспектори и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултетот за ветеринарна медицина.
Покрај потребата од посебна единица за сузбивање на еколошкиот криминал во МВР и воведувањето на специјализирани јавни обвинители за животна средина, беше нагласено дека е неопходно да се усвојат и национални стандардни оперативни процедури за различни кривични дела врз дивиот свет и да се зајакне бројот и стручноста на кадрите кај инспекциските служби.
„Кога станува збор за сомнение на кривично дело против дивиот свет, квалитетното и навремено вештачење е најклучниот сегмент во кривичната пријава која што ќе се поднесе до надлежниот јавен обвинител“, смета обвинителката Спасенка Андонова, потпретседателка на Здружението на јавните обвинители на РСМ.
Александар Павлов од Македонското еколошко друштво вели дека постојат недоречености кога станува збор за постапувањето кај кривичните дела врз дивиот свет бидејќи, иако надлежните институции си ги познаваат сопствените ингеренции, недостасува праксата секоја институција да делува искоординирано без да се наруши или отежни текот на постапката.
„Сакаме да ја зајакнеме меѓуинституционалната соработка и да креираме однос каде нема да има префрлување на топката, туку сплотеност при решавањето на случаите. За тоа претстои уште работа, но радува ентузијазмот и интересот од сите институции“, смета Павлов.