Вчера (22 декември, недела) на плоштадот Славија во Белград се одржа мирен протест на студенти, земјоделци и граѓани со цел да го сврти вниманието на власта за барањата на студентите, а по повод падот на настрешницата во Нови Сад на 1 ноември кога животот го загубија 15 лица, пишува Н1.
Според Министерството за внатрешни работи на Србија, на собирот имало околу 29.000 луѓе, но од присутните можеше да се слушне дека таа бројка била три пати поголема. Архивот на јавни собири на социјалната мрежа Х наведе дека според достапните фотографии на собирот имало од 100.000 до 102.000 луѓе.
SLAVIJA 22-12-2024 pic.twitter.com/L5HU5x27jP
— Arhiv javnih skupova (@javniskupovi) December 22, 2024
Протест се одржа и во Ниш каде со студентите на улица излегоа и голем број граѓани. На насобраните на почеток им се обратија здравствените работници, а потоа сите заедно тргнаа до трговскиот центар Делта Планет каде заврши протестот. Здравствените работници од Крагуевац излегоа на крстосницата кај крстот во знак на поддршка на студентите, но и на своите колеги во Белград.
View this post on Instagram
На плоштадот Славија во Белград во 16:30 почна петнаесетминутен молк со кој се оддаде чест на настраданите на новосадската железничка станица, а од 16:45 до 18:00 траеја студентските перформанси, кога завршија со протестирање и го ослободија кружниот тек. Група студенти се одвои од толпата и отиде пред Народното собрание каде го стопираа сообраќајот и извикуваа „Излези мала“. Тука се случи инцидент во кој таксист налета на еден од демонстрантите, а потоа избега. Младиот човек е пренесен во Ургентниот центар.
Вишото јавно обвинителство во Белград одреди притвор од 48 часа за возачот на такси возилото.
View this post on Instagram
„Студентите во блокада“ преку социјалната мрежа Х, им се заблагодарија на сите кои беа на Славија. На мрежата Х тие порачаа дека ова е само почеток и ги повикаа сите граѓани да останат со нив.
Širimo ljubav, podržavamo jedni druge❤️🩹 pic.twitter.com/Eroxrw7eDL
— Studenti_U_Blokadi (@studentblokade) December 22, 2024
Како поддршка на студентите на протестот се приклучија земјоделци, актери, родители и многу граѓани.
Сите заедно бараа одговорност за трагедијата во Нови Сад и гонење на насилниците кои со недели ги провоцираат граѓаните на мирните блокади.
Претседателот Александар Вучиќ изјави дека во Белград беше одржан „исклучително голем собир“ на луѓе ориентирани кон опозицијата, и дека „секогаш е подготвен“ да слушне што мислат, како размислуваат и што сметаат дека е важно да се направи за државата.
Земјоделците кои претходните денови ги блокираа патиштата вчера во знак на поддршка зготвија гулаш за студентите во студентскиот град во Нови Сад. Во таа прилика побараа разрешување на премиерот Милош Вучевиќ, ресорниот министер и претседателот на собраниската Комисија за земјоделство.
Бунтот на студентите прерасна во блокада на универзитетите во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац, а ним во меѓувреме им се приклучија и средношколците.
Тие секојдневно во 11:52 ја спроведуваат акцијата „Застани, Србијо“ во која на 15 минути ги блокираат крстосниците во знак на оддавање почит за 15 луѓе кои загинаа при падот на насрешницата на новосадската железничка станица на 1 ноември.