Стотици луѓе вчеравечер маршираа во тишина во Загреб, барајќи мерки откако минатата недела во напад со нож во основно училиште во Загреб беше убиено едно дете, а повредени уште три, јавува Радио Слободна Европа.
На маршот организиран од синдикатот на наставниците, од властите беше побарано да направат повеќе за училиштата во Хрватска да бидат безбедни за децата.
Слични настани се одржаа и во други градови и населени места по нападот во петокот во основното училиште „Пречко“.
„На патот кон безбедноста во училиштата потребна ни е поддршка од владините институции, училишните тимови, медиумите, граѓанските организации и сите ангажирани луѓе“, се вели во заедничката изјава на околу 50 наставнички групи и други организации.
Министерство за образование објави дека одржало состаноци на експертски тимови задолжени да изнајдат начини за подобрување на безбедноста на училиштата. Министерот Радован Фукс рече дека мерките може да вклучуваат заклучување на вратите на училиштата или контрола на влезот.
Официјални лица соопштија дека осомничениот напаѓач е 19-годишен поранешен ученик од истото училиште.
Министерството за здравство покрена здравствена инспекција во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“, каде наводно се лекувало 19-годишно момче кое го изврши нападот.