Инспектори од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), минатата недела спровеле вонредни надзори во магацини за пакување, маркети и продавници кои вршат промет со новогодишни пакетчиња. Во рамки на спроведените 62 контроли, утврдено е несоодветно означување на пакетчиња кај четири оператори.
„Кај три вида пакетчиња, констатирано е дека на збирното пакување нема наведено рок на траење, односно датум на минимална трајност на производите кои ги содржи новогодишното пакетче, поради што наредено е повлекување на истите од промет“, информираат од АХВ.
Од таму посочуваат дека е извршен преглед на содржината на 62 пакетчиња.
„Кај две пакетчиња најдени се производи со изминат рок, како и со краток рок на траење до 12.2024 година. Констатирани се и органолептички промени на производите во збирните пакувања кои се со уреден рок на траење“, соопштува АХВ.
На операторите кај кои се утврдени неусогласености, наредено им е повлекување на пакетчињата од промет и нивно уништување. За констатираните неправилности, велат од АХВ, издадени се решенија за отстранување на неусогласеностите, а изречени се и соодветни прекршочни пријави.