Учеството на младите во социјалниот, економскиот и политичкиот живот во Македонија во 2023 година е горе-долу исто како и во претходните шест години, откако „Младинскиот сојуз – Крушево“ на национално ниво го спроведува регионалното истражување „Индекс за младинско учество“. Недостаток од податоци за млади во ризик на сиромаштија, нула млади министри во влада, 1% самовработени млади и недоволно ефективни закони и политики за млади, само дел се од истите или слични резултати.
„Ова е четврта година како сум вклучена во ова истражување. Малку е тажно, затоа што веќе немам доволно изрази како да ги модификувам речениците, а да не бидат исти како изминатите години. До толку состојбата не се менува. Процентите укажуваат дека имаме стагнација во делот на поттик на социјалното учество на младите и тоа не е нешто ново, меѓутоа, очигледно е дека отсуствува политичката волја да се интервенира во тој сектор“, истакна Билјана Дуковска, истражувачка за социјалното учество на младите, на вчерашната презентација во „Мулино“.
Според неа, се „фрливме“ на младинската невработеност целејќи дека таа ќе придонесе кон поголемо социјално учество, притоа изоставувајќи цела една група млади луѓе кои не можат да стигнат до пазарот на труд и економското учество.
„Немаме податоци колку млади се во ризик на сиромаштија. Во еден момент добивме таков податок со закаснување од две години од кога беше изготвен извештајот и тој покажа дека бројот на млади во ризик од сиромаштија е повисок од вкупниот национален просек на луѓе во сиромаштија. Да карикирам со бројки, во тоа време ако националниот просек беше околу 21-2%, младите беа 45-6% во ризик од сиромаштија. Овие податоци се од 2021 година и појма немаме што се случува во меѓувреме. Но, со сигурност знаеме дека овие млади кои се во ризик од сиромаштија никако не се истаргетирани по ниту еден основ за специфични услуги или поддршки кои се даваат“, објасни Дуковска.
Не може да развивате максимален потенцијал ако живеете во ризик од сиромаштија, додаде таа.
„Вие не може ниту да размислувате на развој на потенцијал, вие размислувате на преживување. Зборуваме за политики кои треба да дозволат денеска да не бидете гладен“, нагласи.
Според Дуковска, сведочиме на студентски стандард, кошничка, училишни бенефиции и поволности, меѓутоа генерализирањето дополнително ги дискриминира младите кои се во ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Исто така, истакна дека една третина од вкупниот број приматели на социјална помош се млади луѓе со деца.
„Ова го кажувам за да одиме длабоко во комплексноста на проблемот кога зборуваме за социјалната вклученост. Не може да очекувате дека тие млади развиваат мрежи, дигитална писменост, дека ќе размислуваат на зелени политики, ќе се вклучуваат во младинските совети, ќе се застапуваат за младинското учество“, децидна беше истражувачката.
Дополнително, таа ја спомена поврзаноста помеѓу детската и младинската сиромаштија. Секое трето дете во Македонија е во ризик од сиромаштија, а тие деца, како што рече, стануваат млади.
„Веројатно магично не се случува во таа една година во периодот на премин да тие излегуваат од ризикот од сиромаштија. Нас ни отсуствуваат политики кои не само ќе превенираат и ќе се справуваат со детската сиромаштија, туку и нема да дозволат пренесување на детската кон младинската сиромаштија“, заклучи Дуковска.
Истражувачката на социјалното младинско учество истакна дека мора да имаме издвоени јавни податоци кои нема да ги затскриваат реалните состојби на младите, како и длабински секторски анализи за тоа што води кон што. Исто така, таа смета и дека како држава треба да мислиме политика за издвојување на податоците за млади во генералните статистики. Дополнително, според неа, отсуствуваат услуги за подобрување на менталното здравје кај младите кои се растени во детска сиромаштија, во семејство со трансгенерациска сиромаштија итн. и не поседуваат доволно класификации. Па дури и да поседуваат, рече, имаат нарушено ментално здравје кое не им дозволува долгорочно да се задржат на пазарот на труд.
„И тука треба да ускокнат социјалните услуги кои ги нема во моментов“, посочи.
Согласно резултатите од истражувањето, нема подобрување ниту во стапките на младите кои не се вработени и не се вклучени во образование и обука во последните 4 години (категорија НЕЕТ).
„Приближно 1/4 во континуитет припаѓаат на оваа категорија на млади или поточно 24% во 2023 година. Економските индикатори за Индексот на младинско учество укажуваат на клучни предизвици и трендови, како во однос на одредени подобрувања, така и на области кои предизвикуваат загриженост“, забележа Марија Топузовска Латковиќ, истражувачка во делот на економското младинско учество.
Наодите кои таа ги презентираше покажуваат дека стапката на младинска невработеност постепено опаѓа, од 29,6% во 2020 година на 24,9% во 2023 година „што покажува стабилно, но умерено подобрување“.
„Ова ни сугерира дека негативните ефекти врз вработеноста на младите значително се намалиле“, наведе Латковиќ.
Како што рече, овој пад може да се препише на растечката тенција за образовна и професионална мобилност на младите со тоа што тие се стремат со можности во странство или продолжуваат со понатамошно образование и обука. Таа ја истакна и студијата на фондацијата „Фридрих Еберт“ од годинава според која 68% од младите имаат изразена желба за миграција.
Додека пак, во однос на националните закони, документи, политики и стратегии нагласи дека тие постојат за младите, но истите не се покажале како доволно ефективни.
„Националните политики треба да се фокусираат на обезбедување таргетирани програми за вклучување на млади лица од НЕЕТ категоријата. Потоа, програмите за стручно образование и обука треба да бидат усогласени со потребите на пазарот на труд. За да се стимулира младинското претприемништво, политиките треба да обезбедат поголем пристап до финансиска поддршка, менторство и можности за вмпрежување“, беа дел од препораките на истражувачката за подобрување на економското младинско учество.
Латковиќ напомена и дека континуираното следење и собирање на податоците поврзани со младинската вработеност е од клучно значење. Но, и дека политиките треба да се базираат на ажурирани, точни, прецизни податоци за да се осигураме дека интервенциите ќе одговараат на променливите трендови.
Дополнително, раскажа дека една четвртина или 24,4% од апликанти во Агенцијата за вработување во 2023 година биле млади луѓе кои започнале сопствен бизнис со финансиска поддршка од државата.
„Ова сигнализира на постоење лимитирачки фактори за развој на младинското претприемништво во земјата“, поентираше Латковиќ.
Младите луѓе немаат истакната доверба во институциите и генерално расте процентот на недоверба кај младите луѓе, смета Билјана Стојческа, истражувачката на политичко младинско учество во Индексот.
„Во моментов, потребно е сите чинители да работат заедно за обезбедување на подобра овозможувачка околина за политичко учество на младите луѓе. Во 2023 година сме имале само 2 млади пратеници во парламентот, односно 1,66%. Локалните младински совети имаат застапеност од само 31,2% во општините, а и тие се проблематични“, раскажа Стојчевска, истакнувајќи дека една општина мора да знае дали има локален младински совет или не, затоа што добиле одговор оттаму дека „вакви податоци не поседуваат“.
Па така, таа рече оти смета и тврди дека во локалните младински совети треба да се работи многу повеќе. Според неа, тешко се комуницира, иако некои општини се многу отворени, брзо одговараат, дале сериозен одговор за нивните структури, како комуницираат со младите и како ги вклучуваат.
„Меѓутоа, по мене, најаларматно политичкото учество на млади е на локално ниво. А, на регионално и на светско ниво најблиски носители на одлуки до младите се општините. Имаме само еден градоначалник што е млад човек. Тоа е градоначалникот на Росоман“, напомета Стојчевска.
Дополнително, според неа, дефиницијата што го опфаќа Законот за младинско учество не баш се рефлектира во сите законски рамки што ги опфаќаат младите луѓе како демографска група.
Во наредниот период ќе произлезе уште еден документ од истражувањето кој ќе го покаже резултатот од младинското учество во целиот регион. Минатата година резултатите покажале дека тоа варира меѓу меѓу 55.1 и 67.4, а од „Младински сојуз“ не очекуваат дека годинава ќе има некоја промена со оглед на резултатите кои се добиени.
Според нив, оваа бројка укажува на голем јаз помеѓу сегашното ниво на учество и целната вредност од 100, која ја достигнуваат младите во ЕУ земјите.
Настанот се реализираше со поддршка и соработка на Фондот на население на Обединетите нации (УНФПА) во Македонија.
Ангела Петкова