Колективот „Кула“, во рамки на промотивните настани за фестивалот „Под земја полесно се дише 10“, утре (27 декември) од 20 часот во КСП Центар Јадро организира презентација на отворениот уметнички колектив The Humanitarian Crisis Illogical Management Bureau – HCIMB (ΓΑΔΑΚ) од Грција.
„Замислен како воведна презентација на нивната интервенција во рамки на фестивалот ‘Под земја полесно се дише 10’, оваа презентација поаѓа од бурниот и страсен однос меѓу двете земји, каде претставниците на ΓΑΔΑΚ ќе се обидат да се бават со прашања поврзани со споделената историја, границите, симболите и номенклатурите. Користејќи перформативни и теоретски пристапи, групата има за цел да отвори простор за критичко размислување и естетско експериментирање, кое ќе ја слави невидливата коегзистенција на Македонците и Грците. Уметноста ги зближува луѓето!“, стои во најавата.
Инаку, ΓΑΔΑΚ е отворен уметнички колектив од Грција основан во октомври 2023. Колективот преку различни перформативни акции и разновидни трансгресивни интервенции во јавниот простор, се обидува да ја смести сопствената уметничка продукција во центарот на повторливите катастрофи кои го разоруваат јавниот простор.
Учесници: Димитрис Амеладиотис, Стефанос Ханделис, Ева Јанакопулу, Иро Казара, Ева Кољопанту, Александрос Монокандилос, Мусака Награница, Персефони Миртсу, Панос Склевенитис, Михаилагелос Власис – Зиакас.