Престолнините на Норвешка, Данска и Шведска – Осло, Копенхаген и Стокхолм – се најскапите градови за шопинг во светот, според меѓународна студија изготвена од сајтот „Прајсранер“.
Овој сајт за споредба на цени испитал колку 25 различни продукти чинат во 32 града ширум светот.
Убедливо најскапа „кошничка“ – која меѓу другото содржи електроника, облека, детски играчки, хигиенски и прехранбени продукти е во Осло.
Едно кафе, на пример, во Стокхолм, чини 35 шведски круни, или околу 4 евра. Само четири градови имаат поскапо кафе од Стокхолм, а најлошо е во Копенхаген, каде што едно кафе во просек чини околу 5 евра.
Лондон е пласиран во средина на листата, на 13 место, а Њујорк е на 19-то, додека трет на листата на најефтините градови е Варшава. Најевтин град според резултатите на споменатото испитување е Бомбај во Индија.