Текстови од писателите Горан Стефановски и Ирвин Велш се објавени во осмиот број на активистичкото улично списание „Лице в лице“.
Драмскиот писател Стефановски отстапи необјавен дел од неговата драма „Огнени јазици“ за списанието, а шкотскиот автор Ирвин Велш напиша краток расказ за новиот број на „Лице в лице“.
Со секој купен примерок од осмиот број на „Лице в лице“ во текот на неделава, читателите ќе добијат 50 % попуст на книгата „Ѓубре“ на писателот Велш, а дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на продавачите на списанието. Првите читатели на актуелниот број на списанието, како што информира тимот на „Лице в лице“ Македонија, добиле бесплатни билети за претставата „Огнени јазици“ во Драмскиот театар во Скопје.
Ликовните уметници Ване Костуранов и Зоран Инадески дизајнираа новогодишни честитки за акцијата „Израдувај дете од улица“, која почнува утре.