Фејсбук соопшти дека во компанијата се размислува за воведување на посебно копче за сочувство, во обид да се реши прoоблемот со кликањето лајкови на тажни статуси и вести.
Еден од учесниците на неодамнешна работилница на Фејсбук го дал предлогот: ако корисникот кој го објави статусот го постави расположението во „тажно“ или „депресивно“, копчето „like“ („ми се допаѓа“) би се претворало во „sympathize“ („сочувствувам“). Во случај кога, на пример, некој ќе остане без работа, неговите пријатели на овој начин би можеле да му дадат до знаење дека сочувствуваат со него.
Идејата добила позитивни повратни реакции во тестирање на дел од корисниците, но се уште нема потврда дали ќе влезе во примена. Од Фејсбук велат дека и копчето „like“ е создадено како експеримент, според идеја од слична работилница.
Корисниците на Фејсбук досега главно бараа да се воведе копче „dislike“ („не ми се допаѓа“), но оваа опција можеби никогаш нема да се пробие на најголемата социјална мрежа.