„Текстилниот отпад се создава несразмерно брзо споредено со изнаоѓањето решенија за него, а ние не ги менуваме навиките за да го направиме потребниот притисок кон производителите на текстил. Разбирам дека требаше многу време да се соочиме со нашата одговорност кон отпадот од пакување и електронскиот и електричен отпад, но имам чувство дека овојпат не ја разбираме големината и тежината на проблемот со текстилниот отпад“.
Вака размислува Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија (МППС). Таа верува дека веќе имаме предзнаења кои треба да ни помогнат кон овој предизвик, но смета дека има само мала група загрижени граѓани и огромна индиферентност кај останатите, кои ценат дека има покрупни светски проблеми.
„Производството на текстил троши големи количини на ресурси, вода и енергија, но и многу хемикалии. Кога текстилниот отпад ќе заврши на депонија, или се согорува, испушта токсични и канцерогени пареи кои директно влијаат на загадување на воздухот и почвата. Сакам да потенцирам дека најголем загадувач е модната индустрија, која со својата ‘брза мода’ која значи често менување на дизајните, лош квалитет и ниска цена е всушност поттикнувач на конзумеризмот и произведувач на текстилниот отпад“, објаснува Дуковска.
Според неа, културолошки сакаме да имаме многу облека, поврзано со потребата да се има и различно и ново, затоа што преку тоа се дефинира општествениот статус. А, тоа, вели, нѐ води кон преконзумирање.
„Често имам прилика да слушам сведоштва поврзани со трошоците за живот и како се преживува со многу ограничен буџет, и на национално и на европско ниво. Во таквите разговори, без исклучок, кај нас се споменува облеката, во смисла ако не стигнуваат пари за сѐ, прво се престанува да се купува нова облека, или се оди во ‘second hand‘ или се бараат донации – некогаш станува збор и за размена на облека. Во другите земји ваквата потрошувачка не се ни споменува кај приоритетите“, посочува активистката, додавајќи дека за да го промениме ова треба малку да поработиме на свесноста за нашите потреби и избори и да градиме нов наратив за употребата на текстил.
Продавниците за облека од втора рака се концепт кој треба да го продолжи употребниот век на облеката, преку менување на сопствеништвото на парчињата и треба да поттикнува свесност за процесите и заштитата на животната средина, покрај намалувањето на текстилниот отпад, истакнува Дуковска.
„За жал, кај нас тие ја засилија потрошувачката на текстил, бидејќи понудија поевтина алтернатива за конзумеристичките навики и ја зголемија количина на создаден отпад по лице. Добро е што ги имаме, но треба да се поддржани со дополнителни едукации за нивното значење и вредност“, смета таа.
Како што вели, Земјата ќе продолжи да се врти и без нашите нелогични конзумеристички навики, дури ќе и биде и подобро затоа што нема да биде оптоварена со дополнителен отпад.
„Ако секој трет човек на планетата се поднови со по едно парче облека, тоа се потенцијално 2.8 милијарда парчиња отпад“, децидна е Дуковска.
Покрај ова, купуваме текстил кој е веќе одбиен од Западна Европа, посочува Александра Спасеска од „Модна револуција“.
„Таа облека понекогаш се купува за конкретена намена, најчесто ‘посебна прилика’ и се носи еднаш или ниеднаш пред да заврши на дното на плакарот, а потоа во кеса за донации или на ѓубриште. Да не почнеме за огромното количество облека што се почесто се нарачува онлајн и завршува воопшто необлечена бидејќи била купена во наплив на многу добро или многу лошо расположение – злогласената шопинг терапија, облека што била на попуст или облека за која сме се убедиле дека ако не ни е точна ќе ја вратиме“, вели Спасеска.
Таа тврди дека секоја година кај нас се создаваат илјадници тони текстилен отпад од производство и од потрошувачка. Како пример ги наведува индустриските центри Штип и Свети Николе, каде што текстилната индустрија има долгогодишна традиција, а отпадот, потенцира, често се собира несоодветно и завршува во обичните ѓубришта. Од друга страна, додава, има и позитивни примери кои покажуваат дека текстилниот отпад може да се користи повторно и да создава додадена вредност.
„Компанијата ‘Нетам’ користи текстилен отпад за изработка на изолациски материјали во градежната индустрија, што претставува иновативен начин на искористување на овој отпад. Во Босилово беше собран три тони текстилен отпад, од кој половината беше селектирана како облека за донација. Постои и иницијативата ‘Екотекс’ која ги охрабрува текстилните компании да размислуваат за одржливи бизнис модели“, наведува активистката.
Сепак, Спасеска смета дека овие примери сè уште се премалку за да направат вистинска разлика и затоа е потребен системски пристап. Едно можно решение, според неа, е да се создадат законски обврски за компаниите да го рециклираат својот отпад или да учествуваат во циркуларна економија. Исто така, истакнува дека е важно граѓаните да имаат пристап до пунктови за донација и рециклирање низ државата.
„Подигањето на свеста мора да биде на два фронта – од текстилната индустрија и од самите граѓани. Индустријата мора да стане потранспарентна за своите процеси и влијанието на отпадот. Ова може да се постигне преку партнерства со организации кои промовираат одржливост; воведување на нови технологии за минимизирање отпад, како што веќе прават неколку локални компании; како и кампањи каде што брендовите ќе покажат како нивните облеки се произведуваат со одржливи методи“, предлага активистката.
Додека пак, што се однесува до граѓаните, истакнува дека е важно едукацијата да почне уште од најмала возраст. Затоа, препорачува во училиштата да се организираат проекти за редуцирање и реупотреба на текстилен отпад, како и да се прават кампањи на социјалните мрежи за важноста на купувањето ретко и квалитетно и за одговорност кон облеката откако ќе престанеме да ја носиме. Дополнително, нагласува дека барањето одговорност од компаниите и носителите на одлуки исто така е важен чекор во кревањето на свеста за колективната одговорност кон отпадот што го создаваме.
View this post on Instagram
Според Спасеска, празниците и славењето се идеална прилика за да се преиспита своето размислување и да се постави предизвик – наместо да купиме нешто ново, да искористиме нешто што веќе го имаме.
„Можете да ја обновите старата облека, да искористите додатоци или да позајмите/размените нешто од пријателите. Купувањето облека од втора рака исто така е добредојдена идеја. Ќе се изненадите колку добро ќе се чувствувате кога нема да придонесете кон конзумеристичката манија. На крајот, облеката е само едно мало парче од сликата — моментите со семејството и пријателите се вистинското значење на празниците“, поентира таа.
Кон намалувањето на отпадот, заштитата на природните системи и максимална употреба на ресурсите тежнее моделот на економски развој наречен циркуларна економија, појаснува Ирина Јаневска од Здружението за социјални иновации АРНО кое, меѓудругото, се занимава и со превенција на отпад преку поправки и пренамени.
„Светски тренд е ова, но нам во минатото и доста близок. Да се потсетиме дека многу генерации се израснаа со облеки носени од братучеди, многу садови/амбалажи се пренаменуваа, кутиите од сладолед стануваа сарма богатства, од останат или неупотреблив текстил се правеа черги, од соседи се позајмуваше алат, столчиња за слави, подароците се пренасочуваа, една бонбониера кружеше од слава на роденден“, се сеќава Јаневска.
Циркуларната или кружна економија, вели, го претвора отпадот во ресурс за нов производ и ја менува перспективата – она што за некого е безвредно, за друг е вредност.
„Мирјана Јосифовска од Тетово е прекрасен пример – таа од текстилните остатоци донирани од големи фирми, создава уникатни шапки. Или, Марија Бургиева која од корите од цедени портокали прави природен освежувач. АРНО пак, наскоро отвора Центар за поправки, каде куфер со скршено тркалце нема да заврши во контејнер, туку ќе биде поправен. Старите тастатури ќе добијат нов живот со малку чистење и грижа, наместо да бидат заменети со нови“, раскажува таа.
Како што објаснува, во Центарот за поправки ќе биде овозможено поправање на различни предмети, вклучително и текстил. Нивната цел е, додава, да поттикнат поправка на облека, со што ќе се продолжи животниот век на парчињата и ќе се намали создавањето текстилен отпад.
„Во моментов кружи повик за луѓе со вештини за поправки, слободно можат да се пријават сите што имаат идеја за различни поправки и за текстил. Можат да ни предложат тематска работилница – везење за покривање на флека, правење перничиња од текстилни остатоци, или кукли од останат текстил, шиење на дупчиња на чорапи, накит од скинати патенти… Отворени сме за идеи и предлози, па понатаму ќе тестираме и потреби и приоритети на граѓаните“, нагласува Јаневска.
Меѓутоа, таа заклучува дека ова се само делчиња од големата слика која бара целото човештво да се запраша „Quo vadis?“ (Каде одиме?).
Ангела Петкова