Компанијата Мета ја укинува програмата за проверка на факти

Компанијата Мета во чија сопственост се Фејсбук и Инстаграм соопшти дека ја укинува својата програма за проверка на факти од независна, трета страна и ја заменува со модел сличен на оној што го користи социјалната мрежа X, каде корисниците на платформата додаваат контекст и ги проверуваат тврдењата на други корисници, јавува Радио Слободна Европа.

Мета прво ќе ја укине независната програма за проверка на факти во Соединетите Американски Држави.

Компанијата вели дека одлучила да ја прекине програмата бидејќи и експертите за проверка на факти исто така имаат свои предрасуди, истакнувајќи дека премногу содржина била подложена на проверки.

Наместо тоа, Мета се врти кон моделот наречен „белешки на заедницата“, каде различни корисници ги проверуваат фактите во објавите на другите луѓе.

Овој потег означува пресврт во политиката за модерирање на содржините на Мета. Потегот доаѓа откако компанијата го именуваше истакнатиот републиканец Џоел Каплан за шеф на глобалните прашања и го избра Дејна Вајт, извршен директор на „Ultimate Fighting Championship“ и близок пријател на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во својот Управен одбор.

„Дојдовме до точка во која едноставно има премногу грешки и премногу цензура. Време е да се вратиме на своите корени кога е збор за слобода на изразување“, рече извршниот директор на Мета Марк Закерберг во видео обраќање.

Најновите промени ќе влијаат на Фејсбук, Инстаграм и Тредс, трите најголеми платформи за социјални медиуми со повеќе од три милијарди корисници ширум светот.

Во последниве месеци, Закерберг изразуваше жалење поради одредени постапки за модерирање содржини на различни теми, вклучително и коронавирусот.

Мета, исто така, донираше 1 милион долари во инаугуративниот фонд на Трамп, што е отстапување од досегашната практика.

Компанијата објави дека постепено ќе започне со објавување на „белешки на заедницата“ во САД во текот на следните неколку месеци и ќе го усоврши моделот во текот на годината.