ОН: Над 900 луѓе лани биле егзекутирани во Иран

Минатата година во Иран беа извршени најмалку 901 егзекуција, вклучително и речиси 40 егзекуции за една недела во декември, пренесува Ал Џазира Балканс.

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк изрази длабока загриженост за извештајот и посочи дека тоа е загрижувачки пораст во споредба со 853 егзекуции регистрирани во 2023 година, соопшти Канцеларијата за човекови права на ОН.

„Длабоко вознемирувачко е тоа што од година во година повторно гледаме зголемување на бројот на луѓе кои се осудени на смртна казна во Иран. Дојде време Иран да го запре овој растечки бран на егзекуции“, рече Турк.

Повеќето од егзекуциите во 2024 година биле за кривични дела поврзани со дрога, додека погубени се и дисиденти и луѓе поврзани со протестите во 2022 година.

Забележано е и зголемување на бројот на погубени жени.

Турк го повтори ставот на ОН дека смртната казна не може да се прифати во ниту една ситуација, нагласувајќи дека постои ризик од егзекуција на невини луѓе.

Приближно 170 земји во светот ја укинаа смртната казна или воведоа мораториум на нејзината примена.