Пцовиса бездомното куче Феликс, кое во ноември лани беше претепано во фирма во населбата Момин Поток. Информацијата ја соопшти Јавното претпријатие „Лајка“ кое го згрижи, а оттаму додадоа дека борбата за негово спасување била долга, уморна, тешка и посветена.
„Иако дојде со тешки повреди како сенка од куче, поразено од животот и од човечката бруталност и суровост, тој се бореше со сите можни сили, јуначки до самиот свој крај, давајќи ни верба дека можеби ќе успееме заеднички во оваа незвозможна мисија. Од самото влегување на Феликс во нашето прифатилиште до денес, неговото заздравување беше неизвесно и променливо. Покажуваше бројни подобрувања и влошувања на здравствената состојба, но за време на раните утрински часови Феликс доби напад кој за него беше фатален како резултат од многу здравствени компликации“, посочија од „Лајка“.
Оттаму истакнаа дека во последните месеци од неговиот живот, Феликс за првпат бил опкружен со љубов, грижа, топлина, најубава храна и радост.
„Првпат имаше шанса да почувствува како е да се биде сакано куче. За жал и последен. Од срце сакаме да ви заблагодариме на сите вам кои бевте инволвирани директно или индиректно во приказната и животот на Феликс давајќа му ја сета потребна поддршка. Феликс ќе остане симбол на борбеноста која ги обедини нашите граѓани, поттикнувајќи емпатија чие влијание сè надеваме дека долго ќе не обединува, а нејзината моќ ќе нè води сите нас кон креирање што поголема благосостојба на бездомните животни“, посочија оттаму.
Случајот беше обелоденет на 20 ноември. Насилникот, 61-годишниот Љ.К. од Скопје го удирал кучето повеќе од 20 пати со дрво по глава, откако влегло во дворот на складиште на фирма во Момин Поток. Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а 61-годишникот беше лишен од слобода и доби кривична пријава за мачење животни.
Бездомно куче претепано со дрво, „Анима мунди“ бара затворска казна за насилникот