Бездржавјанството – проблем кој заслужува постојан мониторинг во име на заштита на основните човекови права

Бездржавјанството, или состојба во која не си признаен како државјанин на ниедна држава, влијае на милиони лица низ светот. Лицата без државјанство често не можат да пристапат на најосновните права, вклучувајќи ја и можноста да одат на училиште, легално да работат, да пристапат до здравствени услуги, да стапат во брак или да го запишат раѓањето на своето дете.

Сето тоа влијае на општествен и личен план и им онезвоможува на луѓето кои немаат државјанство да ги остварат своите уставно загарантирани права бидејќи немааат никаков документ за идентификација. Кампањата на Агенцијата за бегалци при ОН, УНХЦР, која почна во 2014 година под слоганот #ЈасПрипаѓам, но и заложбата на дел од властите, почна да ги поместува границите од „неостварливо“ кон „можно“, па дури и кон „целосно остварливо“.

За среќа, Северна Македонија ги заокружи 2023 и 2024 година со позитивни вести на овој план – во 2023 година над 400 лица добија извод од матичната книга на родените со што им заврши децениската битка да бидат евидентирани и да можат да ги остваруваат своите права, да работат и да придонесуваат за општеството. Во 2024 година, пак, уште 500 лица се запишани во матичната книга на родените.

Но, предизвици сѐ уште постојат.

МЗМППружена е бесплатна правна помош на 5.738 лица без државјанство

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) обезбедува правна помош за лица без државјанство и лица изложени на ризик да останат без државјанство, со фокус на лица кои немаат запишано раѓање и лично име пред Управата за водење на матични книги при Министерството за правда.

Од започнувањето на проектот во партнерство со УНХЦР (2011 година) до денес МЗМП има обезбедено бесплатна правна помош на 5.738 лица без државјанство во постапките за запишување во матична книга на родните, признавање татковство, регулирање на престој и прием во државјанство. Тие исто така учествуваа и во изработка на измените на Законот за матична евиденција.

„Најголемо наше постигнувања е што ги изработивме законските измени на Законот на матична евиденција со кои 500 лица повеќе од 10 години не беа запишани во матичната книга на родени (МКР) и живееја надвор од системот, успеаја да се запишат во МКР. Некои од нив, кои ги исполнуваат условите, добија и државјанство. Исто така,  бевме членови на работната група за подготовка на законските измени на Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште, а ги подготвивме и предлог законските измени на Законот за странци,“ вели Александра Ефремова од МЗМП за Мета.мк.

Според неа, здружението е задоволно од соработката со институциите, но вели дека сѐ уште има простор за градење функционален систем со кој веднаш ќе се запишуваат новоидентификуваните лица и ќе се спречи бездржавјанството.

Александра Ефремова, лична архива

Во моментов, тие како како организација имаат идентификувано околу 150 лица без државјанство, а Ефремова коментира дека најголем предизвик е да се изгради ефикасен систем во државата со кој брзо би се запишувале децата во матичната книга на родени, како и да се решат случаите на деца чии родители водат потекло од некоја од соседните земји, а во Северна Македонија живеат без лични документи долги години.

„Најголем предизвик е првенствено да се изгради ефикасен систем во државата со кој брзо би се запишувале децата во МКР, да профункционира повторно праксата на децата да им се издава извод уште во самото породувалиште, со цел кога ќе бидат пуштени од болница да излезат со извод од управата и утврден идентитет. Така ќе се спречат идни случаи на бездржавјанство на долг рок“, вели Ефремова.

Таа додава дека предизвик е и недостигот на свесноста кај некои од родителите за значењето од навремено запишување во Матичната книга на родени на своите деца и тука има простор да се работи преку кампањи на подигнување на нивната свест за одговорноста која ја имаат како родители.

„Ова се чекори преку кои ќе се осигураме дека бездржавјанството ќе се намали“, децидна е Ефремова.

Со добивање на државјанството, лицата на кои им помагаат од МЗМП се стекнуваат со пристап до сите основни права кои претходно им биле ускратени додека немале државјанство – здравствена заштита, образование, вработување и социјални права. Од 2011 година до денес, заедно со нивните партнери од УНХЦР околу 730 лица добиле македонско државјанство.

На некои од останатите лица без државјанство кои им се обратиле за помош, со запишување во матична книга на родени им помогнале да добијат и државјанство во некоја од соседните држави.

Македонската влада посериозно внимание на овој проблем му посвети во 2021 година, со измени на неколку закони за да го олесни пристапот до документи на граѓаните кои немаа државјанство, по јавниот притисок откако починаа две момчиња кои немаа пристап до здравствена заштита затоа што немаа документи.

Оттогаш, земјава стигна на чекор до искоренување на бездржавјанството, но искуствата покажуваат дека дури и доколку некоја земја стигне до нула, тој број може да почне да расте. Како пример за тоа се државите кои се директно засегнати од високото ниво на конфликти кое постои интернационално, како војната во Украина, граѓанската војна во Судан, Израел и Појасот Газа, кога луѓето се селат, се движат, се раѓаат деца кои не се регистрираат итн. Оттаму, оваа заслужува следење и внимание од секој аспект и со континуиран пристап, со цел сите луѓе да имаат пристап до нивните основни права.

Автор: Антонија Јаневска

*Сторијата е преземена од Мета.

**Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, како дел од проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за луѓето за кои УНХЦР се залага” поддржан од УНХЦР.