Второ издание на Конференцијата за активно граѓанство „КритикУМ“ на 24 и 25 јануари

Второто издание на националната Конференција за активно граѓанство „КритикУМ“ ќе се одржи на 24 и 25 јануари во Скопје.

Организаторите на конференцијата, Здружението за едукативен развој „Еквалис“ посочија дека конференцијата претставува простор за поврзување, градење на заеднички стратегии, но и оснажување за пракси, примери и платформи преку коишто граѓаните се обидуваат да ги променат заедниците.

„Преку оваа едиција на конференцијата ќе погледнеме во некои од најистрајните и храбри подвизи на граѓанско мобилизирање во нашата држава, но во исто време ќе зборуваме за активзмот низ неговата несовршена перспектива, како нешто коешто се менува, не менува и нас самите, на моменти можеби разочарува, но несомнено непрестано не инсприра и движи напред. Излегувајќи од класичниот формат на конференција, во вториот ден организираме и интеркативна прошетка низ градот со којашто ќе бидеме во контакт со јавниот простор како место каде што нашите борби секојдневно се случуваат и испишуваме истории на истрајност и отпор“, велат од „Еквалис“.

Првиот ден од конференцијата која ќе се одржува во Лабораториум ќе започне во 11 часот, а темата на првиот панел гласи „Граѓански визии за градот: Во одбрана на воздухот, водата и јавниот простор“.

На првиот панел ќе зборуваат Еди Фрцовски од Иницијатива за мапињање на функционалните чешми за вода во Скопје, граѓански активист и биолог, Благица Сабовљевиќ-Стоименова од Граѓанското движење за блокада на кочанската депонија и активистка за заштита на животната средина, како и Јана Белчева-Андреевска, советничка во општина Центар, како дел од граѓанското движење Шанса за Центар и дел од граструт движење „Одбрана на Дебар Маало“.

Вториот панел од првиот ден е насловен „Пркоси во алтернативната културна сцена“ на кој ќе зборуваат Ивана Мирчевска,  визуелна уметница и една од организаторките на фестивалот „Под земја полесно се дише“, Андреј Медиќ Лазаревски, основач и главен и одговорен уредник на „Култура Бета” и Билјана Димитрова од Колектив Ветерница и Партизанска Штампа.

За вечерна програма со почеток во 21 часот е предвиден настап на бендот „Кокиче“.

На вториот ден од конференцијата е предвидена интерактивна прошетка „Скопје, големото бегство“. Збирна локација за овој настан е Плоштадот Слобода, Дом на култура „Кочо Рацин“ – поранешно Дом на градежници во 12 часот.

„’Скопје, големото бегство’ е имерсивна претстава, интерактивна прошетка, аудио визуелно искуство кое ја ангажира публиката низ дел од заборавените места во Скопје, каде низ колективна прошетка се отвораат прашања за општествената димензија на јавните простори“, велат од „Еквалис“ во најавата за настанот.