Над 8.500 граѓани досега ја потпишале онлајн петицијата насловена „Казна за убиецот на Феликс!“, со која се бара институциите да си ја завршат работата по неодамнешната смрт на бездомното куче Феликс, кое во ноември лани беше претепано во фирма во населбата Момин Поток.
„Феликс ја изгуби борбата, но… Ние можеме да ја добиеме војната против заспаните институции“, се посочува во петицијата создадена пред два дена.
Преку петицијата се бара Министерството за внатрешни работи да поднесе кривична пријава со сите релевантни доказни материјали против Љ.К. од Скопје и сите што гледале отстрана, како и Јавното обвинителство да отвори предмет против нив, согласно член 233 од Кривичниот Законик.
„Основниот Суд да си ја сфати работата сериозно и за промена да им изрече казна затвор, како што е и предвидено во член 233 од КЗ“, се додава во барањата на петицијата.
Истовремено, со петицијата се бара Собранието да подготви и реализира јавна расправа за применувањето на законите кога се во прашање животните, посебно во поглед на измачувањето, напуштањето и труењето на животните кое што, како што се истакнува во петицијата, почна да се случува секојдневно, додавајќи дека мора да се има чиста слика, статистика и преглед кои институции и на кој начин затајуваат.
„Феликс не е единственото куче. Тука е и кучето од Тетово што беше фрлено од седми спрат, кучето во Дебар Маало во Скопје кое беше заклано со секира сред бел ден, кучето што беше влечено со кола во Виница, а и она во Струмица, кучето што беше исфрлено болно покрај контејнер на минусни температури, кучето што беше врзано во напуштен објект да угине, илјадниците кучиња кои се отруени секојдневно, како и оние коишто се напуштени на улиците и полињата. Бараме да се стегнете и да се фатите за работа, оти ваша работа како јавни службеници е да го сработите она што законите го предвидуваат“, се додава во петицијата.
Инаку, полицијата пред два дена поднесе кривична пријава против тројца осомничени, според членот 233 од Кривичниот законик, за кое е предвидена парична или казна затвор во траење до шест месеци.