Грција планира да ги заостри правилата за изнајмување апартмани за краток престој

Пратениците во Грција почнаа да расправаат за нацрт-законот со кој се предвидува заострување на правилата за краткорочно изнајмување, во услови на пораст на туризмот, вклучително и забрана за користење на преуредени магацини и подруми без прозорци, пренесува хрватски Индекс.

Според предложените измени, реновираните магацини, подземните простори и поранешните индустриски објекти ќе бидат отстранети од платформите за изнајмување, вклучително и локациите кои веќе се пренаменети за угостителски цели.

„Подрумите повеќе нема да смеат да се користат. Просторите за изнајмување мора да служат како основни станбени единици со природна светлина, вентилација и климатизација“, изјави министерката за туризам Олга Кефалогјани за државната телевизија претходно.

„Воведуваме минимални стандарди за работа и безбедност, бидејќи ова е туристички производ. Нашата цел е долгорочен, одржлив и квалитетен развој на грчкиот туризам, а не само рушење на рекордите секоја година“, рече таа.

Нацрт-законот се совпаѓа со едногодишната забрана за регистрација на нови краткорочни изнајмувања во популарните атински градски четврти, како Колонаки, Кукаки и Егзархија, а прекршителите е предвидено да бидат казнети со 20.000 евра.

Краткорочните изнајмувања придонесоа за проширување на клучната гранка на грчката економија, која директно сочинуваше 13% од бруто домашниот производ на земјата во 2023 година, но, исто така, ги зголемија трошоците за живот поради зголемувањето на цените за изнајмување.

Владата наведува дека сака да ги балансира придобивките од туризмот со достапноста на становите и нуди даночни олеснувања за сопствениците на недвижности кои ќе одлучат да се префрлат на долгорочно изнајмување. Приходите од туризмот во Грција се очекува да достигнат рекордни 22 милијарди евра во 2024 година, со околу 35 милиони туристи, според официјалните проценки.

Бројот на сместувачки единици за краткорочно изнајмување во 2023 година беше приближно еднаков на бројот на хотелски соби на национално ниво и речиси двојно поголем во центарот на Атина, според студијата нарачана од Националната асоцијација на хотелиери. Тие повикуваат на построга регулација на недвижен имот што се издава преку онлајн платформи како „Airbnb“.