Дизајнерката Ирина Тошева ќе држи обуки за шиење во женското одделение во „Идризово“, потребни се материјали и машини

Модната дизајнерка Ирина Тошева преку социјалните мрежи објави дека започнува соработка со женското одделение во Казнено-поправната установа „Идризово“, при што заеднички ќе работат на реинтеграција, обуки и готови производи.

„Оваа иницијатива ќе им овозможи на осудените лица во женското одделение да стекнат и усовршат нови вештини, со што ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот по нивното ослободување. Преку креативен ангажман и учење, ќе развијат вештини кои ќе им дадат чувство на исполнетост и личен развој“, вели Тошева.

Таа додава дека тие вложуваат време и ресурси, но потребна им е поддршка за да ги обезбедат материјалите и машините потребни за старт.

„Доколку сте заинтересирани за соработка или донација, ве охрабруваме да ни се обратите. Заедно можеме да направиме значајна разлика и да им овозможиме подобри можности за иднината!“, истакнува таа.