Американската агенција за храна и лекови (ФДА) предложи нивото на никотин во цигарите да се ограничи на нивоа што не предизвикуваат зависност. Доколку се донесе ваква одлука, таа би била прва во светот, што може драстично да го намали бројот на пушачи и да влијае на приходите на тутунската индустрија, пренесува Ал Џазира Балканс.
Според ФДА, ова ќе спаси животи со спречување на болести и смртни случаи поврзани со пушењето предизвикани од токсични хемикалии произведени за време на согорувањето на тутунот. Се предлага да се ограничи нивото на никотин, хемикалија која ги држи пушачите зависни, на 0,7 милиграми на грам тутун во цигарите и другите запаливи производи, како што се пурите и тутунот за виткање.
Алтернативите како што се вејповите, никотинските кеси и загреаниот тутун нема да бидат засегнати од оваа одлука.
„Со намалување на нивото на никотин на вредност што е доволно ниска за повеќе да не се создава или одржува зависност, може да се запре изложеноста на овие токсични хемикалии“, рече директорот на Центарот за тутунски производи на ФДА, Брајан Кинг.
Тој додаде дека оваа граница ќе биде околу 95% помала од концентрацијата на никотин во цигарите кои моментално се на пазарот. Агенцијата предвидува дека тоа би можело да спречи 48 милиони млади луѓе да почнат да пушат, а повеќе од 12,9 милиони пушачи ќе престанат да пушат веќе во рок од една година од стапувањето на сила на одлуката.
Инаку, ФДА, која ги регулира никотинските производи, првпат ја објави идејата во 2017 година.