Правниот пат за борба со загадениот воздух

Скопје и оваа зима висока котира на листата на најзагадени градови не само во Европа, туку и во светски рамки, а во одредени денови е и на првото место. Справувањето со аерозагадувањето досега беше дел од ветувањата, но не и од реализираните проекти на низа владеачки гарнитури чии политики не се покажаа како доволни за поквалитетен живот на граѓаните, пишува Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА).

Проблемот е комплексен и задира во човековите права, па за него освен екологистите, сѐ погласно зборуваат и правниците. Во овој текст анализираме како политичарите го прекршуваат Уставот со тоа што не се справуваат со енормната загаденост на воздухот, но и кои се правните механизми со кои граѓаните би можеле да им се спротивстават на институциите.

Државата е должна да обезбеди здрава животна средина – Врховниот суд утврди начелен став

Врховниот суд есенва на јавна седница донесе одлука дека граѓаните ќе може да ја тужат државата за загадениот воздух пред Управниот суд.

Највисокиот суд ја отпочна оваа дебата по иницијативата на адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски” од Охрид и невладината Центар за правни истражувања и анализи. Адвокатот Александар Гоџо, за ПИНА.мк  вели дека судовите сѐ повеќе ја сфаќаат сериозноста на проблемот со аерозагадувањето.

„Во тужбите на граѓаните, тужената страна не мора да биде само Владата. Постапката може да биде против секој што има преземено обврска или е задолжен да стори определено дејствие во насока на унапредување на животната средина и извршување на прописите во таа област,“ објаснува адвокатот.

Со новата одлука на Врховниот суд, додава тој, граѓаните всушност ќе може да тужат не само за аерозагадувањето, туку за загадувањето на животната средина воопшто.

„Правото на здрава животна средина е универзално, па по таа аналогија, граѓаните ќе може да бараат одговорност од институциите и за поинакви загадувања, како на пример на вода, почва и така натаму“, порачува нашиот соговорник.

Постапките за загадувањето на околината пред Управен, ќе се уредуваат согласно Законот за управните спорови

Во меѓувреме, прашавме и во Управниот суд – како ја коментираат одлуката на Врховен и дали тоа ќе значи дека ќе се зајакне нивната улога како институција во борбата за почиста животна средина? Од Управниот суд во писмениот одговор до ПИНА.мк, наведуваат дека не коментираат судски одлуки.

Информациите кои ги добивме од таму исто така, говорат дека барем во првиот месец од донесувањето на одлуката, пред оваа институција ниту еден граѓанин не поднел тужба поради загадениот воздух или друг аспект на загадувањето на околината. Доколку сепак некој отпочне ваква постапка, одлуката за неа и извршувањето на донесената судска пресуда ќе бидат уредени согласно Законот за управните спорови.

Од Управниот суд потенцираат и дека новиот Закон за управните спорови, наспроти стариот, институтот „Предлог за заштита пoради незаконито дејствие“ не го предвидува.

„Ова прашање беше уредено во Законот за управните спорови во одредбите од член 55 до член 63 со кои беше предвидена законска можност да се поднесат тужби кои се однесуваа на заштита на слободите и правата загарантирани со Уставот, акo таква слобода или право е повредено со конечен поединечен акт, а не е обезбедена друга судска заштита,“ појаснуваат од Управен.

Оттаму потсетуваат и дека согласно старото законско решение, ваквите тужби можеа да бидат поднесени и во случај кога слободите и правата загарантирани со Уставот се повредени со дејствија на службено лице во орган на државната  управа, одговорно лице во претпријатие, установа или друга организација или заедница, со кое спротивно на закон непосредно му се спречува или ограничува остварување на слобода или право, доколку не е безбедена друга судска заштита.

Одговарајќи на прашањето на ПИНА.мк, дали и пред одлуката на Врховен, Управниот суд водел постапки против институциите по основ на прекршување на правото на здрава животна средина, оттаму ги споделија податоците од 2020 –тата.

Во таа година, судот завел 11 предмети откако граѓаните поднеле предлози за заштита поради незаконско дејствие. Предлозите се однесувале на тогашниот премиер, министерот за животна средина и просторно планирање, директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Владата, но и Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Сите предмети се правосилно завршени и предлозите на предлагачите за заштита поради незаконско дејствие се одбиени како неосновани,“ информираат од Управен.

По изјавени жалби против наведените одлуки на Управниот суд, Врховниот суд во постапка по жалба донел решенија со кои жалбите на предлагачите се одбиени како неосновани, а решенијата на Управниот суд се потврдени.

„Напоменуваме дека овие постапки иако се донесени во текот на 2020 година, откако беше донесен новиот Закон за управните спорови, тој отпочна да се применува една година од денот на влегување во сила. Тоа значи значи дека истите биле поднесени во време на важност на Законот за управните спорови и управните постапки се водени по стариот Закон за управните спорови, по што истите биле заведени во уписникот УСПИ,“ нагласува Управниот суд во писмениот одговор.

Барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер клучно во постапките за борба против аерозагадувањето

Но ова не е единствениот начин на кој граѓаните по правен пат може да се борат за поквалитетен воздух. Освен индивидуалните тужби, ним на располагање им се и колективните правни постапки, а за ваквиот проблем може да се обратат и до меѓународните институции.

Волонтерката во организацијата Гоу Грин, Ива Трпески во изјава за ПИНА.мк објаснува дека согласно Законот за заштита на животната средина, секој граѓанин има право да поднесе тужба против загадувачи, било тоа да се јавни или приватни субјекти.

„Граѓаните можат да бараат отстранување на загадувањето, надомест на штета или да побараат одредени мерки за заштита. Тие може да поднесат тужба и за нарушување на здравјето предизвикано од загадувањето,“ додава нашата соговорничка.

Законот за граѓанска постапка пак, ја отвора можноста за поднесување колективни тужби против големи загадувачи. Ваквите тужби може да ги поднесат еколошките здруженија или група граѓани.

„Пример за ваква иницијатива е поднесување колективна тужба против индустриски објекти кои систематски го прекршуваат лимитот за емисии на штетни гасови,“ вели Трпески.

Освен тоа, граѓаните може да поднесат жалби и до Државниот инспекторат за животна средина, а меѓу правните механизми кои ги посочува нашата соговорничка, се и петициите кои може да бидат поднесени до локалните власти.

„Со ова, тие можат да побараат воведување на специфични мерки, како што се забрана за користење на одредени горива, регулирање на сообраќајот или воведување на прочистувачи на воздух во јавните установи. Локалните власти се законски обврзани да постапуваат по ваквите барања ако петициите добијат доволно поддршка“, појаснува волонтерката.

Во случаи кога граѓаните сметаат дека правдата не е постигната на национално ниво, тие можат да се обратат до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Овој суд ги разгледува случаите каде што граѓаните тврдат дека нивното право на живот во здрава средина, заштитено преку правото на живот или правото на приватност, е прекршено“, нагласува Трпески повикувајќи се на Орхуската конвенција како меѓународен договор меѓу чии потписници се вбројува и нашата држава:

„Таа им дава право на граѓаните и организациите за заштита на животната средина да добијат пристап до информации, да учествуваат во донесувањето одлуки поврзани со животната средина и да се обратат до судовите за еколошки прашања“.

При користењето на кој било од овие механизми кои ги овозможуваат домашните закони и меѓународните договори, граѓаните имаат право да бараат пристап до информации поврзани со состојбата на животната средина од јавните институции, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Ова може да биде клучно во случаи каде што се бараат податоци за загадувањето и документите врз основа на кои може да се поднесе тужба“, додава Трпески.

Поднесувањето тужба е една од најсилните алатки со кои граѓаните може да ги притиснат институциите и компаниите да го почитуваат нивното право на здрава животна средина, но овде не влегува и уставната тужба, бидејќи таа сѐ уште не е воведена во земјава.

Уставното право на здрава животна средина ужива заштита од Уставниот суд само преку апстрактната контрола

И покрај ова, Уставот го предвидува унапредувањето на животната средина и на природата, па и покрај отсуството на уставна тужба, го прашавме Уставниот суд какви надлежности има во остварувањето на ова право од страна на граѓаните.

Од Уставен одговорија дека уставното право на здрава животна средина кое е утврдено со член 42 став 1 од Уставот, ужива заштита од Уставниот суд само преку апстрактната контрола, односно оцена на уставноста и оцена на уставноста и законитоста.

Барањата по кои може Судот да постапува, а се однесуваат на заштита на слободи и права на граѓаните се ограничени и се неколку.

Тие се предвидени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, велат од надлежниот суд.

„Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност”.

Од Уставниот суд тврдат дека многу често до нив пристигнуваат иницијативи во кои се бара да се оценува уставност и/или законитост на Одлуки за донесување на урбанистички планови.

Па така, во 2005 година, Уставниот суд го укинал членот 85 став 3 во делот на „надоместокот на трошоците” од Законот за животна средина.

„Во оспорената законска одредба недостасувале критериуми врз основа на кои министерот би ја определувал висината на надоместокот на трошоците на вклучување и исклучување од листата на експерти, понатаму не било јасно какви трошоци настануваат за органот во случај на вклучување на едно лице на листата на експерти итн. Ова е еден различен аспект на примена на Законот за животна средина,“ истакнуваат од Уставен во писмената изјава за ПИНА.мк.

Уставно-судската пракса бележи низа примери поврзани со различни аспекти на Законот за животна средина. Меѓу нив е и укинатата одлука за донесување урбанистички план во туристичкиот комплекс „Свети Стефан” во Општина Охрид во 2012 година, како и онаа од 2015 година за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место Ски центар Водно–Блок 3, Општина Карпош.

Неодамна Европскиот форум на судии за животна средина организираше и меѓународна конференција со цел изнаоѓање правни механизми на ниво на ЕУ за заштита на животната средина за идните генерации. Како македонски претставници, настанот го следеа двајца од уставните судии, односно проф. д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер.

Судијката Павловска-Данева за ПИНА.мк го сподели искуството од таму и објасни како некои други држави го регулираат ова прашање.

„Одредени држави, на пример Унгарија, имаат специјализирани Oмбудсмани за заштита на правата на идните генерации, во рамките на чии надлежности, заштитата на животната средина има огромно значење. Во Белгија пак, во рамките на кривичното судство, судиите се специјализираат за еколошко право или еколошка правда, односно за работа со предмети кои се однесуваат на казниви дела од областа на екологијата,“ вели Павловска-Данева.

Според неа, Судот на правдата на ЕУ тесно соработува со националните судови кога станува збор за заштитата на животната средина.

„Заклучокот за сите држави е дека судовите претставуваат моќна алатка во обезбедување здрава животна средина на граѓаните и на идните генерации, но тие сами не можат да дејствуваат, за тоа потребни се иницијативи од граѓаните, од оштетените или загрозените. За таа цел, потребно е развивање на свеста во општеството во целина,“ порачува Павловска-Данева.

Во меѓувреме, секојдневното гушење на граѓаните го „подгреа“ и нивниот револт, поради што тие маршираа по скопските улици борејќи се за почист воздух. Протестот го организираа невладините организации кои побара ефикасни мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Луѓето кои излегоа на протест, со своите транспаренти им порачаа на надлежните дека се потребни „филтри за фабрики, а не за Инстаграм“. Тие потсетија дека 17,7 отсто од вкупната смртност во државата е поврзана со изложеноста на штетните PM2.5. честички.

ПИНА