Со „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones!“ започнува новата концертна сезона на Националниот џез оркестар

Националниот џез оркестар го најавува почетокот на новата концертна сезона со, како што велат, еден задолжителен настан – „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones!“ кој ќе се одржи на 24 јануари со почеток од 20 часот во Филхармонија.

„Концертот го покрива значајниот биг-бенд опус на сестраниот музички магнат Квинси Џонс, почнувајќи од неговиот прв албум издаден во 1959 година, ексклузивни неиздадени аранжмани; негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и биг-бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп период кога Квинси доминира како аранжер и продуцент“, истакнуваат од Националниот џез оркестар.

Во овој дел од концертот, како солисти ќе настапат Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ Дексо, Сашо Гигов Гиш и Џон Илија Апелгрен. Диригент на концертот е маестро Владимир Николов.

Како што истакнуваат, за плакатот е искористена графиката „Шарен џезер“ на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери“, прва во низата дела кои ќе бидат употребени за нивните плакати во текот на оваа година.

„Quintessence by Quincy Jones е уште една џез лектира која не смее да остане непрочитана! Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хип хоп. Добитник на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 Греми номинации, рекорд на сите времиња, од кои освоени 28“, раскажуваат оттаму.

Исто така, Џонс има продуцирано три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон: „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987). Во 1985 година, Џонс ја продуцира и диригира хуманитарната песна „We Are the World“, наменета за собирање средства за жртвите од глад во Етиопија.

Билетите може да се набават на следиот линк.