Месечината за првпат се најде на листата на загрозени локалитети

Месечината за првпат беше ставена на листата на загрозени локалитети на Светскиот фонд за споменици (World Monuments Fund) поради стравувањата дека зголемениот број планирани комерцијални патувања може да ги оштетат трагите кои сведочат за првите чекори на човештвото надвор од Земјата, пренесува Ал Џазира Балканс.

Претседателот на Фондот, Бенедикт де Монтлаур, рече дека Месечината е вклучена во списокот поради зголемениот ризик од забрзани активности преземени без соодветни процедури.

„Предметите како камерата што го сними телевизискиот пренос на слетувањето на Месечината, меморискиот диск оставен од астронаутите Нил Армстронг и Баз Олдрин и стотици други предмети се симболични за ова наследство. Вклучувањето на Месечината на списокот ја нагласува универзалната потреба за проактивни и кооперативни стратегии за заштита на наследството, на Земјата или пошироко, кои ја рефлектираат и зачувуваат нашата колективна наративност“, изјави тој.

Монтлаур рече дека во средината на новата ера на истражување на вселената, важно е да се воспостават меѓународни механизми за заштита на лунарниот културен пејзаж.

„Зачувувањето на лунарното наследство ќе ја спречи штетата од забрзувањето на приватните и владините активности во вселената, обезбедувајќи овие артефакти да траат за идните генерации“, додаде.

Компанијата на милијардерот Илон Маск, „SpaceX“, во средата испрати две лунарни вселенски летала да спроведат истражување како дел од лансирањето на идните мисии на Месечината.

Само пет земји, САД, Кина, Индија, Јапонија и поранешниот СССР досега успешно лансирале лунарни возила на Месечината.

Приватни патувања на Месечината се очекуваат откако мисијата на НАСА Артемис III, закажана за средината на 2027 година, ќе го приземји првиот екипаж од раните 1970-ти.

Главната причина за загриженост за фондот WMF се токму овие патувања, но и други мисии финансирани од американската влада, кои можат да ги загрозат и оштетат трагите како што се стапалките на Армстронг и Олдрин.