Промоција на романот за Силвија Плат „Еуфорија“ од Елин Кулхед

Промоцијата на романот за Силвија Плат „Еуфорија“ од шведската авторка Елин Кулхед ќе се одржи на 23 јануари со почеток во 20 часот во Јуроп хаус во Скопје.

Преводот на романот е на Катерина Јосифоска, а промоцијата ќе ја модерира и со авторката ќе разговара професорката и преведувачка Калина Малеска.

„Освен што ќе можете да слушнете извадоци од романот, тој ќе биде разгледан од повеќе аспекти: ќе дознаете какво е видувањето на Кулхед за пишувањето фикционална биографија и како е да се позајмува гласот на друга авторка“, информираат од издавачката куќа „Илика“.

Како што велат оттаму, „Еуфорија“ е прониклив и драматичен приказ на последната година од животот на поетесата Силвија Плат пред нејзиното самоубиство во 1963 година.

„Надминувајќи ги амбициите да биде историски роман со биографска подлога, ова е книга за една разорна љубов, за мајчинството, за неверството, за справувањето со сопствените демони и за еуфоричната мистичност на креативниот чин во кој се раѓа поезијата“, објаснуваат од „Илика“.

Елин Кулхед е шведска писателка и новинарка. Родена е во Упсала во 1983 година. На книжевната сцена дебитирала со неколку книги за деца, а нејзиниот прв роман за возрасни е „Еуфорија“, објавен во 2021 година и награден со највисокото шведско книжевно признание, наградата „Август“.

Сите заинтересирани, додаваат од издавачката куќа, ќе имаат можност и во понеформална атмосфера да ја запознаат авторката и да поразговараат со неа за сите прашања кои ги отворил романот на 24 јануари, во петок, со почеток од 18 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Заинтересираните треба да испратат неформална пријава на мејл-адресата ilika.publishing.shop@gmail.com.

Разговорот ќе се одвива на англиски јазик.

Дизајнот на постерот е на Ема Велковска и Марија Смилевска, а портрет на Елин Кулхед.