Во скопските гаражи и кафулиња се слуша звукот на едно ново име на македонската андерграунд сцена.
Љубителите на локална музичка сцена првпат слушнаа за „Големата вода“ во декември кога тие беа предгрупа на „Харакири“, кои беа свежо вратени од регионална турнеја. На сцената во „Котур“ се качија четири момчиња кои изгледаа како да стигнале од последниот час од втора смена.
Но, нивниот звук беше далеку од незрел. Креативна мешавина на алтернативен рок, шугејз, пост-хардкор и сè измеѓу, тие свиреа емотивни и гласни авторски песни, со долги и неочекувани структури – звучеа како со години да свиреле заедно. Публиката беше целосно освоена – меѓу песни се слушаа реченици од типот „ова е криминално добра прва свирка“ и „колку години рече дека има бубњарот?!“.
Тапанарот има 14 години, а другите членови се по 16, 17 и 19 години. Но, тоа што е можеби поизненадувачки од нивната возраст е тоа што само неколку месеци свират заедно, период во кој се имаат „скапано“ од проби, една од кои ја посети и Радио МОФ.
На пробата се спремаа за нивната следна свирка во „Браво Бар“, каде најавија дека ќе ја делат сцената со „Шум“ и „Кајзер Созе“. Јован, еден од гитаристите и вокалисти во бендот, континуирано имаше проблем со својата педала, поради која неколкупати ги почнуваа и застануваа песните.
„Ако не ми работи и утре педалата, ќе се сликаме“, вика Јован, откако тројца од бендовите се ставија „на случајот“ да ја оправат педалата.
View this post on Instagram
Ја истераа пробата, звучејќи исто толку стегнато како што звучеле на сите нивни досегашни свирки. Во разговор ни открија дека дел од стегнатоста на бендот доаѓа и од блиските односи меѓу нив – Јован (гитара, вокал) е постариот брат на Никола (тапани), а Лука (гитара, вокал) им е братучед. Јован прв почнал да свири гитара на 12 години, а по него почнале Лука и Никола. Лука и Симон (бас гитара, вокал) се знаат од средно школо, а заедно оделе и во „Рома рок скул“.
И иако некои од нив имале претходно искуство со авторска музика, вистински се пронашле уметнички и креативно кога изминатиов септември се собрале на својата прва проба како „Големата вода“, име што дошло од романот на Живчо Чинго.
Како што се присетуваат, почнале „асално да работат“ и да си го бараат звукот особено во октомври, иницирани од некои жанровски и бендовски референци од Јован.
Креативниот процес им се состои од тоа што некој доаѓа со песна, или пак идеја или риф и заедно ја доработуваат, секој придонесувајќи кон својот дел. Ваквиот пристап особено одговора со нивниот апетит за мешање жанрови и звуци.
„Во музика, сакам брзо и сакам смирено. Имам една слика или метафора во глава – како да е гужва надвор, а човек само стои. Хаосот се случува околу тебе, но не го чувствуваш хаосот, туку си во сопствен зен“, вели Јован, кој едвај си ја довршува реченицата поради тоа што останатите го задеваат: „добар е, на Филозофски оди“.
По некој месец правење песни на проби, тие го исконтактирале Мартин Џорлев, дел од колективот „Гола планина“, кој исто така е еден од многуте музичари со кого ја делат својата пробувална. Го викнале на проба за, како што велат „да знаеме дали сме за бината или не“.
„Дојде на проба и рече дека многу му се допаѓаме. Следната недела пак имавме проба, мислам дека правевме нова песна. И само Мартин ми ѕвони на телефон и ми вика ‘имам прашање за тебе: дали сакате да свирите со ’Харакири’?’“, се присетува Јован.
Возбудата на овој момент се чувствува во секоја секунда на прераскажувањето на приказната.
„Мене не ми се верува, Лука скока, а Никола вика ‘чекај, кој ден ќе е, ако е вторник е проблем, имам курс’“, прераскажува Јован, по што сите прснуваат од смеа.
„Многу сум благодарен, не ни знаеја баш каква музика свириме и каков звук имаме, но сепак нè прифатија и си рекле ‘ајде може, нека свират они’. А сега откако ни го знаат звукот, уште помило ни е дека им се допаѓаме“, вели Јован.
Потоа следеа уште свирки во краток период. Истиот месец настапија со уште три бенда на мини-фестивал во „Ла кања“, свирка која била договорена и пред таа со „Харакири“. Потоа имаа и самостојна свирка во „Лабораториум“, на која не биле сигурни колку луѓе ќе дојдат.
„Не само што дојдоа луѓе, туку некои во публиката дури и плачеа!“, кажува Лука.
Најпосле, дојде денот на свирката во „Браво Бар“. Радио МОФ ги посети и таму, меѓу публиката.
За звукот како поддршка дојде Мартин Џорлев, кој пред свирката ги подесуваше нивните појачала, или меѓу песни ќе му кажеше на Лука „уште малку погласно гитарата!“. За некое чудо, дури и проработи педалата на Јован, ни самиот не знаеше како.
Иако по свирката Никола и Симон се караа за тоа дали едниот или другиот го згрешил крајот на една од песните, Јован, пак, рече дека ова му била прва свирка досега кај што навистина бил „целосно внесен“. Сепак му е само четврта свирка, првата воопшто му беше таа со „Харакири“ пред месец.
Навраќајќи се на нивниот музички пробив, благодарни се на среќата што ги следи досега – што се „склопиле“ добра екипа што музички се разбираат, што Симон бил во иста генерација со еден од организаторите на свирката во „Ла кања“, што делеле пробувална со Мартин.
„Има улога среќата, ама доста работиме. Ако го отвориме календарот на Гугл кај што се договараме за проби со другите бендови во просторијава, мислам ние најмногу имаме, најчесто по двапати неделно. Многу седиме, некои недели сум повеќе тука отколку дома. Мора само да се работи“, вели Симон.
Работата на пробите на нивните композиции наскоро ќе се преточи на работа во студио. За брзо планираат да снимат и издадат сингл, а потоа и албум. Тие ги охрабруваат и другите млади бендови, да не се плашат од авторска музика. Исто така, да не си ги чуваат песните предолго во фиока – инаку постои ризик да им здосадат и „светот да изгуби нешто“. Овој страв ги прави желни што поврзо да ги снимат песните, па веќе истражуваат нови звуци на своите проби.
„Особено кога ќе го извадиме албумот, ако ги слушнете хронолошки, ќе приметите дека имаме многу поразличен звук на првите три песни од октомври, во споредба со новиве од јануари. Иницијално влечевме инспирација од еден специфичен бенд, па како што поминуваме време, сфативме, ок, ова ни се свиѓа, го ‘освоивме’ овој жанр на некој начин, ајде сега да пробаме нешто ново“, објаснува Лука.
Иднината на бендот засега е изградена на цврсти темели, но тоа не значи дека „Големата вода“ е мирна – ќе продолжи да бранува низ многуте свирки и идни албуми кои ги чекаат овие четири млади креативни, посветени и работливи момци.
Борјан Гаговски