„Изгреби за здравје“ – креативен настан за подигнување на свеста за дискриминацијата и социо-економските предизвици на Ромките

Здружението „Инцијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ организира настан за креативен активизам „Изгреби за здравје“, кој ќе се одржи на 24 јануари, петок, од 12 до 14 часот пред Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје.

„За време на креативниот активизам ’Изгреби за здравје’ ќе се постави интерактивна табла со грепка, каде што минувачите ќе имаат можност да изгребаат и откријат кои се клучните проблеми со кои се соочуваат жените Ромки во Република Северна Македонија. Овој активизам е дизајниран како начин да се подигне свеста за дискриминацијата и социо-економските предизвици со кои се соочуваат Ромките, како и да се создаде простор за јавна дебата и можности за промена“, соопштуваат од здружението.

Од таму ги повикуваат граѓаните да се приклучат на овој креативен настан, да ја поддржат иницијативата и да се запознаат со, како што велат, вистинските предизвици со кои се соочуваат жените Ромки во нашиот регион.

„Вашето присуство ќе има големо значење за продолжување на борбата за еднакви права и можности за сите жени, без разлика на нивната етничка или социјална припадност. Очекуваме да се видиме и заедно да направиме значајни чекори кон една пофер и поинклузивна иднина“, стои во најавата за настанот.