Трамп стана претседател, веќе потпиша десетици извршни наредби

Вчера се одржа инаугурацијата на Доналд Трамп, 47-от претседател на САД. Таа беше одбележана со остри критики за администрацијата на Бајден, големи ветувања за мандатот кој следи, како и присуството на ИТ милијардери, меѓу кои основачот на Амазон Џеф Безос, извршниот директор на Мета и Фејсбук Марк Зукерберг, како и Илон Маск, пренесуваат Гардијан и „Ен-пи-ар“.

„Мојот врвен приоритет ќе биде да создадам нација која е горда, просперитетна и слободна“, рече Трамп во своето обраќање вчера.

Трамп коментираше дека Америка под Бајден била во „пропаѓање“ и дека сега ќе започне нова „златна доба“ на државата.

Највпечатливо, тој на стадион полн со поддржувачи потпиша десетици извршни наредби, а подоцна потпиша уште неколку во Овалната соба, главната канцеларија на Белата куќа

Наредбите вклучуваа: повлекување од Светската здравствена организација, прогласување на вонредна состојба долж јужната граница, укинување на правото на државјанство за сите кои се родени во САД, одложување на забраната на „Тикток“ во САД, признавање на само два пола, повлекување од Парискиот договор за климатски промени, како и преименување на Мексиканскиот Залив во Американскиот Залив.  Дополнително, тој помилува повеќе од 1,600 лица кој учествуваа во пучот во 2021 година, чија цел беше да се задржи Трамп на власт.

Претходно, во интервју на „Фокс њуз“, во однос на планираните извршени наредби, Трамп најави дека ќе биде „диктатор само на првиот ден од мандатот“.

Многу внимание привлече говорот на Илон Маск, кој во еден момент направи два поздрави еден по друг, кои од многумина беше карактеризиран како нацистички поздрав.

„Тоа беше нацистички поздрав и тоа многу агресивен“, објави на „Х“ Рут Бен-Гијат, професор по историја на Универзитетот во Њујорк.

Израелскиот весник Хаарец извести дека Маск направил „Римски поздрав, фашистички поздрав најчесто поврзан со Нацистичка Германија“.

На објава на „Х“ која гласеше „Може ли да престанеме со тоа да нарекуваме луѓе нацисти?“, Маск одговори со „Да, баш така“.