Кристина Зимбакова изложуваше дела на хартија од габи во Гран Канарија

Од 12 до 19 јануари, ликовната уметница Кристина Зимбакова првпат учествуваше на групна изложба во рамките на 20. Меѓународен симпозиум за габи и текстил, во Лас Палмас на островот Гран Канарија во северозападна Африка.

Станува збор за интердисциплинарен светски собир што се одржува на секои три години, а каде земаат учество уметници, инженери и научници чија преокупација се боите за текстил и хартијата добиени од габи.

На изложбата таа учествуваше со три дела на хартија од габи во комбинирана техника.

На 14 јануари Зимбакова одржа и предавање за својата уметност, насловено „Габите во дела од современото сликарство“. Тоа беше едно од трите главни предавања на симпозиумот и стави акцент на процесот за изработка на хартија од габи, како и нејзиниот карактеристичен мозаик од габи.

Зимбакова беше една од двата добитници на престижни стипендии за учество, а на симпозиумот се претставија 92 учесници од 19 земји.