[Став] Реакционерната интернационала тропа на европските порти

Светлана Јовановска

Екстремната реакционерна елита во Европа со душа го чека дерегулирањето на трговските и економски правила што го најавува Трамп, бидејќи ќе им овозможи полесно да ја применат нивната програма.

„Пред десет години, ако некој ни кажеше дека сопственикот на една од најголемите социјални мрежи во светот ќе поддржи нова реакционерна интернационала и директно ќе интервенира во изборите, вклучително и во Германија, кој би поверувал во тоа?“ Прашањето го постави претседателот на Франција, Емануел Макрон, на 6 јануари 2024 година, пред француските амбасадори кои беа собрани во Париз на новогодишен коктел и презентација на политичките приоритети на Франција во 2025 година. На 6 јануари, Макрон повика да не се влегува во „еден вид на смртоносна фасцинација со меѓународните реакционери“.

„Многу се силни, имаат пари“ и сега ја отелотворуваат „единствената мисла“. „Нашите либерални демократии не беа доволно ефикасни пред предизвиците на средната класа, тоа е вистина“, но тоа не значи „дека илибералните демократии или авторитарните режими би биле поефикасни“, инсистираше тогаш францускиот претседател.

Нема сомнеж дека сите, барем во Европа, си го поставуваме истото прашање пред налетот на екстремната десница во речиси сите ЕУ држави. Засега единствената голема земја која се спротивставува на овој бран е Шпанија со својот социјалистички премиер, но прашање е уште колку долго Санчез ќе издржи на власт пред офанзивата на шпанските десничари.

Маск

Првиот човек за кој зборува Макрон е, се разбира, американскиот милијардер Илон Маск. За него одамна знаеме дека стои зад фирмата Тесла, зад Спејс Икс и редица други компании. Човекот што го купи Твитер и го прекрсти во „Х“, денес има најголем број „следбеници“, повеќе и од Доналд Трамп и е еден од најбогатите личности на светот. А наскоро и министер за владина ефикасност во новата американска администрација.

Маск се обидува на сите можни начини да се меша во европските избори. Засега, претпоставка е дека тој тоа го прави во надеж дека ќе ја донесе на власт екстремната десница.

На Х, милијардерот неодамна почна да напаѓа многу европски лидери, меѓу кои и германскиот социјалдемократ Олаф Шолц, кој се соочува со тешка изборна кампања, со слаби шанси да однесе победа на февруарските избори.

Маск му се сврте и на лидерот на британските лабуристи Кир Стармер, во врска со злосторствата на мажи, главно од пакистанско потекло, кои со децении систематски намамувале и силувале деца во англиските градови. Во серија објави на неговата платформа Х, милијардерот ги нападна високите членови на британската Лабуристичка партија, велејќи дека премиерот Кир Стармер бил „соучесник во масовното силување за гласови“. Стармер во тоа време бил обвинител и иако бил критикуван за првичниот неуспех да ги гони сторителите, никогаш не бил обвинет за каква било одговорност, а Назир Афзал, кој го замени Стармер, му се заблагодари за неговата поддршка да ги изнесе педофилите на одговорност. Војна на зборови, исто така, избувна меѓу Стармер и Маск и поради немирите што ја потресоа Велика Британија минатото лето, откако три млади девојки беа убиени во студио за танц во Саутпорт.

Маск отворено ги поддржува екстремно десничарските партии, како што е германската Алтернатива за Германија (AfD). Тој на Х организираше и интервју со лидерката на германската крајнодесничарска партија, што го покажува растечкото влијание на сопствениците на големите богатства врз глобалната политичка сцена. Што е целта на Маск? Дали е економска? Дали Трамп ги „аминувал“ потезите на Маск?

Светот брзо ќе дознае, но не е многу тешко да се погоди дека Маск има отворен пат до новиот американски претседател. Еден показател за тоа дали Трамп стои зад својот министер ќе биде теоријата на заговор на екстремната десница – за „големата замена“ (Great Replacement), која Маск ја промовира без основa, предупредува на „бело изумирање“ и сугерира дека белите Американци намерно се заменуваат со мигранти. Таква теорија одамна постои во Франција и зад неа стои Ерик Земур, кој ќе биде дел од гостите на инаугурацијата на Трамп.

Кекиус Максимус

Маск на X се нарече себеси „Кекиус Максимус“ и тоа дава елемент на одговорот. Терминот „кек“, вкоренет во екстремно десничарските кругови, го одразува неговиот апел за глобализирано политичко влијание, особено преку поддршка на популистички и реакционерни идеи. И ова не е само негов став. Ова укажува дека Маск е дел од стратегијата за глобално влијание која се спроведува преку лажни вести, мешање во изборите на други држави, популизам и удари врз демократијата.

Накусо, Макрон не е секогаш во право, но овој пат даде точна дефиниција – изградба на реакционерна коалиција насочена против прогресивните идеи и социјалната правда.

Во меѓувреме, изостанува реакција на Европската комисија. Засега, тоа се правда со болеста на претседателката Урсула фон дер Лаен која беше хоспитализирана поради тешка пневмонија. Но, во ваков случај можеле да реагираат нејзините служби со нејзино зелено светло. Портпаролите на ЕК тврдат дека фон дер Лаен, и покрај болеста, можела да ги извршува дел од нејзините обрвски.

Засега, реакцијата на ЕК е купување на ново оружје или гас од шкрилци од САД и обид да се наговори Трамп да се откаже од намерите кон ЕУ кои на ЕУ не и се допаѓаат.

Забрана за Х во ЕУ?

Многу гласови во ЕУ бараат забрана за мрежата Х, преку новите регулативи на ЕУ во оваа област, но тоа не е на дневен ред. Во Законот за дигитални услуги (DSA Digital Service Act) на ЕК не постои одредба која би овозможила забрана на Х. Ако дојде до прекршување на правилата, ЕК може да изрече казна до 6% од глобалниот промет на платформата. До денес, ЕУ нема побарано таква казна за ниту една платформа.

Германецот Шолц, Французинот Макрон и Шпанецот Санчез го предупредија Маск да не се меша, додека привремениот белгиски премиер Александар де Кро ја повика ЕК да „преземе акција“ против Х.

Законот за дигитални услуги на ЕК бара платформите да ја намалат пристрасноста во алгоритмите кои им препорачуваат содржина на корисниците. Централната улога на Х и на Маск во претседателската кампања на Доналд Трамп минатата година, покрена прашања за неутралноста на системите за препораки на платформите.

За Маск ЕУ е еден вид непријател затоа што сака да ги регулира социјалните мрежи и тој гледа закана за неговите интереси, и финансиски и политички.

Засега, ЕУ се плаши да ги нападне интересите на Маск, особено затоа што не знае колку долго ќе трае соработката Трамп-Маск. Од друга страна, на ЕУ ѝ е потребна заштитата на САД против Русија. А на платформата Х ѝ се потребни тие 450 милиони европски жители така што заканата на ЕК за казна за платформата, што порано го носеше името Твитер, никој засега не ја сфаќа сериозно и покрај тоа што Брисел продолжи со својата истрага за Х.

Во Брисел, исто така, никому не му е смешно што од сите ЕУ лидери, само Италијанката Џорџа Мелони и Унгарецот Виктор Орбан одржуваат срдечни односи со Трамп и Маск.

Европска социјална фрактура

Сепак, не може целата вина да се префрли на Маск или Трамп. Дури и власта во земјите како Норвешка, чии избори се закажани за 8 септември 2025 година, може да замине во поекстремни води. Тоа значи дека во речиси сите ЕУ членки одамна постојат пукнатини кои власта не ги поправила и кои ќе дозволат влез на радикали.

Почвата која овозможи да се развиваат вакви, слободно можеме да кажеме, опасни движења, е длабоката економска и социјална фрактура во ЕУ и пошироко. Уште францускиот експретседател Жак Ширак, на крајот на 90-те години, предупредуваше дека социјалната фрактура се продлабочува, но ниту тој, ниту неговите наследници не направија ништо, или многу малку, за да ја намалат.

Сведоци сме на сé повеќе кризи кои следат една по друга – финансиска, санитарна, економска, терористичка, мигрантска, идентитетска…, и сите тие се влошени од глобализацијата. Овие кризи предизвикуваат растечко незадоволство дури и кај средната класа, но особено незадоволство насочено кон елитите. На ова се „лепат“ националистите и популистите кои предлагаат едноставни решенија за комплексни проблеми. И пред сé, безбедносни, репресивни и регресивни решенија, од кои добар дел ce насочени против мигрантите. Оваа нова екстремна елита во Европа со душа го чека дерегулирањето на трговските и економски правила што го најавува Трамп бидејќи тоа и ним ќе им овозможи полесно да ја применат нивната програма.

Оваа клима ја поттикнува недовербата кон демократските институции. Така, подемот на екстремната десница, поддржана од реакционерни милијардери, се забрзува со секои избори. Маск ја симболизира оваа нова економска елита која ги комбинира богатството и политичката моќ и ги поткопува темелите на демократските општества.

*Светлана Јовановска е новинар а беше долгогодишна дописничка од Брисел за „Дневник“ (1999-2011), „Дојче Веле“ (1994-2002), „Гласот на Америка“ (2002-2007) и за веб порталот „Нова ТВ“ (2013-2019). Јовановска беше и портпарол на Мисијата на Северна Македонија при ЕУ во Брисел (2019- 2022). Новинарската кариера ја започнува во „Нова Македонија“ во 1984 година во Скопје, сé до 1999 година кога кариерата ја продолжува во „Дневник“, првиот независен весник во Македонија. Таа е автор на анализи за повеќе организации како Институтот Отворено општество Македонија, Институтот за известување за војна и мир (Institute for War and Peace reporting) и порталот WAZ/EU Observer за односите на ЕУ и Западниот Балкан. Јовановска е добитник на Специјалната награда на Делегацијата на Европската комисија за известување од европските институции од Брисел.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.