Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го помилувал Рос Улбрихт, основачот на „Силк роуд“, онлајн платформа за црна трговија, позната како еден од најголемите веб-сајтови за продажба на дрога, пренесува Би-би-си.
Улбрихт беше осуден во 2015 година во Њујорк за заговор за перење пари и трговија на наркотици. Му беше пресудена доживотна казна.
Трамп и претходно имаше искажано дека е на страната на Улбрихт, придружувајќи им се на тие кои сметаа дека пресудата е пример за тоа како владата пречекорува со своите ингеренции.
Американскиот претседател рече дека тој ѝ се јавил на мајката на Улбрихт за да ја извести за помилувањето на нејзиниот син.
„Гнасите што го осудија беа некои од истите лудаци кои беа вмешани во хајката на владата против мене. Доби две доживотни казни, плус 40 години. Смешно!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“.
На „Силк роуд“, чие име доаѓа од Патот на свилата, историска низа трговски патишта меѓу Европа и Азија, се продаваа нелегални дроги, опрема за хакирање, украдени пасоши и друго. На платформата се користеше криптовалутата биткоин, со што полесно се прикрива идентитетот на потрошувачот. Дополнително, корисниците можеа да пристапат до сајтот само преку прелистувачот „Тор“ – систем кој им дозволува на луѓето да го користат интернетот без се открие кои се или во која земја се наоѓаат.
Веб-сајтот беше затворен во 2013 година, по апсењето на Улбрихт.
За време на судењето на Улбрихт, обвинителите рекоа дека на „Силк роуд“ се продала дрога во вредност од над 200 милиони долари. Тие дополнително тврдеа дека Улбрихт нарачал шест убиства, иако не нашле докази дека ниедно од нив било извршено.
„Сакав да ги поттикнам луѓето да носат сопствени одлуки во своите животи и да имаат приватност и анонимност“, рече Улбрихт на неговото судење во мај 2015 година.
По пресудата, судијката Кетерин Форест изјавила дека се надевала дека доживотната казна ќе служи како предупредување за други луѓе кои сакале да се вмешаат во онлајн црна трговија. Сепак, од затворањето на „Силк роуд“, се појавија нови онлајн пазари за црна трговија, некои од кои имаат и повеќе корисници од што „Силк роуд“ имаше на врвот на својата популарност.