Тајланд ги легализираше истополовите бракови

Во Тајланд денеска стапува на сила законот за легализирање на истополовите бракови, со што земјата стана прва во Југоисточна Азија и трета во Азија, по Тајван и Непал, која ги легализираше таквите бракови, пренесува Данас.

Околу 300 двојки се очекува да се венчаат денеска на прослава во трговски центар во центарот на Бангкок по стапувањето на сила на Законот за еднаквост во бракот. Се очекува да се венчаат уште стотици други низ целата земја. Активистите рекоа дека се надеваат оти најмалку 1.448 истополови бракови ќе бидат склопени денеска.

Тајландскиот Закон за еднаквост во бракот има за цел да им даде целосни правни, финансиски и медицински права на ЛГБТК+ паровите.

Партнерите ќе имаат еднакви права и одговорности во постапувањето со заедничкиот имот, даночните обврски и одбитоци, наследните права и семејните бенефиции.

Околу 30 земји ширум светот легализираа некаква форма на истополови бракови, од кои повеќе од половина се во Европа.